Сѐ уште траат консултациите за ребалансот на Буџетот. Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашања рече дека се бара оптимално решение со кое државата ќе има доволно и за капитални инвестиции.
„Го работиме. Се уште траат консултациите помеѓу Министерството за финансии и ресорите. Тешки се времињата. Гледате што се случува во светот. Имајќи предвид каква е состојбата во другите држави кај нас ударот не е толку голем и врз самиот Буџет, но генерално ќе гледаме да направиме едно оптимално решение со коешто ќе имаме доволно и за капитални инвестиции“, рече премиерот Мицкоски.
Тој потсети дека досега во земјата се реализирани околу 230 милиони евра, односно околу 14 милијарди денари за капитални проекти од централниот Буџет, и нагласи дека очекува оваа динамика да продолжи. Истовремено, премиерот потенцираше дека државата годинава се соочува со огромен товар од стари обврски.
„Од друга страна да има доволно за плати, за пензии, за социјални трансфери. Обврските кои што ги имаме оваа година со камати треба да ги вратиме, околу три милијарди евра, некои стари задолжувања. Generalно, состојбата се разбира дека е тешка, но сега ние нема да очајуваме, нема да се жалиме. Тоа е што е. Ние сме Влаda и мораме да ја водиме државата онака како што граѓаните очекуваат од нас.“
Премиерот категорично ги отфрли и ги демантираше тврдењата на опозицијата за наводен банкрот или загрозена ликвидност на државата.
„Не, не. Оставете ги настрана тие поедини прашања што одредени опозициски ги кажуваат. Прво ја ограбија државата, ја оставија ограбена со празна каса, уништена, девастирана и сега после две години откако конечно ја консолидиравме, почнавме сериозно да ги враќаме долговите што тие ги ограбија… слушам ќе сме банкротирале 2025-та, помина 2025-та, сега ќе сме банкротирале 2026. Едно е точно дека ја ограбија државата и ја оставија со празна каса и со долгови.“

