Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку пишано соопштение ги демантираше информациите кои се појавија во дел од медиумите, а во кои се тврдеше дека институцијата веќе го потврдила идентитетот на животното заловено во населбата Козле.
Од АХВ велат дека не е вистина оти изјавиле дека станува збор за чипиран миленик кој си го бара сопственикот.
„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги демантира наводите објавени во неколку интернет портали дека АХВ дало изјава во врска со вчера вечер заловеното животно во скопската населба Козле, за кое се претпоставуваше дека е волк, односно дека истото е домашен миленик – куче, кое е чипирано и кое сопственикот бара да му биде вратено“, се вели во соопштението од АХВ.
Од институцијата најавија дека нивни тимови веќе излегуваат на терен за официјално да утврдат за каков вид на животно станува збор.
Се нагласува дека од страна на официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус.

