Ваква криминална банда како ВМРО не ја водела државата никогаш, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање во врска со сегашниот став на Владата на Мицкоски за Коридорот 8, за кој сега ВМРО вели дека е „инженерско чудо“, а во периодот кога беа во опозиција го нарекуваа криминален проект. Филипче посочи дека е својствено за ВМРО да има недоследни и лажни ставови за клучни прашања, како што се стратешките инфраструктурни проекти и евроинтеграцискиот процес.
„Исто како и нивните други лаги. Како велеа „Преспанскиот договор е предавтсво“, а после тоа Христијан Мицкоски рече дека е ремек дело на дипломатијата. А во однос на овие договори за коридорите, мислам дека треба да се позанимава обвинителството, заради тоа што после истражувањето на еден одреден медиум, во фирмата што го врши надзорот, за што Христијан Мицкоски велеше во јавноста ќе има одговорност, ќе се истражува и така натаму и е фирма која што произведува долен веш, сега влегол човек во сопственичката структура кој бил и поранешен член на ВМРО“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека ваквите ставови се дел од политичка кампања на ВМРО за доаѓање на власт, во која беа злоупотребувани и прашањата за европскиот пат и за претходните договори.
„Тоа беше само дел од кампањата лажна на ВМРО, организирана криминална група водена од Христијан Мицкоски за да дојдат на власт. Во рамките на таа кампања беше и кампањата против Преспанскиот договор. Еве сега министерот Муцунски го фали. Тимчо вчера на Еуроњуз вели одличен е НАТО, одлично е членството во НАТО, добро е за безбедноста на државата и добро е за подобрување на климата за инвестиции. Па ние во НАТО влеговме со Преспанскиот договор, како не го фали? Сега кои се вистинските Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски? Кои се вистинските луѓе? Тие кои што критикуваа претходно и викаа дека сè што ние сме направиле е национално предавство, или овие кои што сега откако дојдоа на власт ги користат бенефитите од членството во НАТО“, рече Филипче.

