Ги стави ракавиците и тргна во акција. Од кејот на Вардар, преку улиците и парковите, до дворот на законодавниот дом, претседателката собираше отпад фрлен од несовесни граѓани.
„Секој ден да го почнуваме вака, имитирајќи ги Јапонците кои прво зачистуваат таму каде што живеат, а кога се овде, дури и околу нашите згради, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на животот“.
Претседателката на терен не чистеше сама. Со црни ќеси во рацете ѓубре собираа министри, градначалници, амбасадори и стотици волонтери. Акцијата, велат организаторите праќа порака дека животната средина е заедничка одговорност.
Акцијата ќе заврши за два дена, но отпадот и понатаму е предизвик кој бара континуирани мерки, а не само еднократни иницијативи. Вреќите со ѓубре се наполнија, дел од локациите се исчистија, но прашањето кое се поставува е колку време ќе помине пред јавните површини да се наполнат со отпад?

