На денешната 98. пленарна седница, Собранието започна расправа по неколку значајни законски измени, меѓу кои централно место зазема укинувањето на моделот на „техничка влада“ и законските измени со кои се предвидува пратениците да поседуваат само едно државјанство.
Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, кој ги образложи измените пред пратениците, потсети дека техничката влада беше воведена како привремено решение во 2015 година, со цел да се обезбеди консензус и фер изборни процеси во услови на политичка криза. Според него, дојдено е време да се врати функционалноста преку системските институции.
„Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото“, потенцираше Јаќимоски.
Тој додаде дека со овој потег се обезбедува институционална стабилност и се става крај на практиката на привремени решенија воспоставени со политички договори од минатото. Новата правна рамка предвидува стабилна влада до објавувањето на конечните резултати од изборите.
Освен овие точки, пратениците на денешната седница ќе дебатираат и за низа други закони по скратена постапка, меѓу кои се измените на Законот за минерални суровини, Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, како и измените на Законот за јавните претпријатија и внатрешната пловидба.

