Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска преку прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДС, Венко Филипче, обвинувајќи го дека неговата партија наместо на државните интереси, му слугува на поранешниот премиер Зоран Заев. Според Петрушевски, СДС нема кредибилитет да зборува за европските интеграции додека, како што рече, „му слугува на Заев“.
Петрушевски истакна дека Брисел не бара празна реторика, туку конкретни резултати. Според него, СДС докажува дека не се подготвени за европски стандарди со противењето на законските измени за укинување на техничката влада и барањата за пратениците да имаат исклучиво македонско државјанство.
„Филипче прво да ја стави СДС на нозе, да престане да му слугува на Заев и да лаже, ВМРО-ДПМНЕ не е против ЕУ, туку е против лоши договори и неефикасни политики кои се слика и симбол на СДС“, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека лидерот на СДС треба да се фокусира на сопствениот двор пред да се грижи за државата, обвинувајќи го дека продолжува со „старите политики на Заев“.
Во однос на евроинтеграцискиот пат, Петрушевски подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ суштински е посветена на членството во Унијата, но преку достоинствено преговарање. „ВМРО-ДПМНЕ не само декларативно, туку и суштински ја поддржува и работи на европската интеграција. ВМРО – ДПМНЕ е за достоинствено преговарање, јасни црвени линии и реформи што навистина функционираат, а не само на хартија“, заклучи Петрушевски.

