Утрово на градилиште на улицата „Козјак“ во скопската населба Кисела Вода се случи тешка несреќа, при што еден работник го загуби животот, а тројца се пренесени во болница. До несреќата дошло при ископ на темели, кога земјени наноси ги затрупале работниците.
Случајот во СВР Скопје е пријавен во 08:17 часот. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
„Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Од Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ излегоа со детали за здравствената состојба на повредените. Најтешко е повреден еден работник, кој се здобил со сериозни фрактури на двете потколеници и едната натколеница, поради што е под интензивен медицински третман.
Другите двајца работници поминале со полесни телесни повреди и контузии, при што кај еден од нив веднаш била санирана повреда на лактот.

