Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања за постоење на прекугранична мрежа за политичка манипулација. Според СДСМ, моделот на владеење на унгарскиот премиер Виктор Орбан, српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Христијан Мицкоски се заснова на контрола на медиумите и пласирање лажни афери.
Од партијата посочуваат дека најновиот случај со наводните експлозиви во Кањижа е дел од операција за создавање паника во финишот на изборната кампања во Унгарија.
„Ова е истата шема која ја гледаме со години во Македонија: лажни афери, пласирање страв и анти-ЕУ пропаганда преку медиуми контролирани од луѓе блиски до Орбан, со цел одржување на ВМРО-ДПМНЕ на власт“, изјави Кузеска.
СДСМ се повикува на истражувачки извештаи на OCCRP и BIRN, тврдејќи дека унгарски бизнисмени контролираат значаен дел од македонскиот медиумски простор, кој е ставен во директна служба на интересите на власта. Поради ова, партијата бара итна истрага од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за финансирањето на овие медиуми.

