Државниот архив денеска одбележува 75 години од своето основање, јубилеј што ја истакнува неговата улога како чувар на македонското културно и историско наследство.
Свеченоста ќе се одржи во Порта Македонија, каде се предвидени обраќања и доделување благодарници на долгогодишните поддржувачи и соработници на институцијата.
Од Архивот посочуваат дека јубилејот е можност да се потсети на значењето на институцијата, не само како заштитник на архивската граѓа, туку и како важен фактор во градењето на колективната меморија и поврзувањето на минатото со иднината.
Директорот Димитар Богески во изјава за МИА нагласува дека Архивот претставува столб на македонскиот идентитет и дека зачувувањето на архивското наследство е еден од клучните предизвици. Како најстар документ што се чува во Архивот го издвојува Евангелието на Лука од 12 век, пронајдено во фондот на охридското семејство Робеви.
По повод јубилејот, најавени се повеќе активности, меѓу кои изложби, промоции на книги и архивски документи, со цел да се доближи богатото наследство до јавноста и да се афирмира неговото значење.
Богески посочува дека институцијата се соочува и со сериозни предизвици, особено во делот на просторните услови, потребата од нови депоа, како и примената на современи методи за конзервација и реставрација на документите.
Како еден од најважните процеси го издвојува дигитализирањето на архивската граѓа, што овозможува нејзина подобра заштита, но и поголема достапност за научно-истражувачки цели.
Државниот архив е основан во 1951 година со указ на тогашната влада, а овој јубилеј претставува значаен потсетник за неговиот развој и за придонесот на генерациите што ја граделе и унапредувале архивската дејност во земјата.

