Утринското тргување на светските берзи минува во знак на зголемена нестабилност. Цената на нафтата „Брент“ повторно ја проби границата од 105 долари за барел, додека европските берзански индекси бележат пад, како директна последица на нејасните сигнали за мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Според официјалните податоци, суровата нафта утрово поскапе за 2,82 проценти и се тргува по цена од 92,843 долари за барел, додека нафтата „Брент“ бележи раст од 2,88 проценти, достигнувајќи 105,138 долари.
Пазарните аналитичари укажуваат на збунетост кај инвеститорите поради спротивставените ставови на двете страни. Додека САД тврдат дека се разгледува нов мировен план, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ја демантираше директната комуникација.
„Размената на пораки меѓу двете земји преку посредници не значи преговори со САД“, изјави Аракчи, пренесува Ројтерс.
Иранските државни медиуми веќе најавија дека Техеран ќе го одбие американскиот предлог за прекин на огнот и ќе понуди своја листа од пет точки, со која бара задржување на контролата врз Ормутскиот теснец.
Падот на европските индекси е евидентен: германскиот DAX падна за 1,03 проценти, францускиот CAC 40 за 0,65, додека британскиот FTSE 100 бележи пад од 0,71 процент. На берзата во Амстердам, гасот се тргува по цена од 53,750 евра за мегават-час.
Истовремено, златото бележи пад на 4.445,81 долари за унца, додека пченицата поскапе на 6,0205 долари за бушел. На девизниот пазар, еврото се тргува за 1,15518 долари.

