Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека со одлука на Владата, главниот град ќе добие 100 нови, современи и еколошки автобуси. Оваа мерка, која вклучува и 50 полначи, има за цел целосно да го реформира јавниот превоз и да придонесе за заштита на животната средина.
Според Ѓорѓиевски, набавката е дел од стратешкиот договор помеѓу владите на Македонија и Унгарија, што овозможува исклучително поволни услови за градот. Тој истакна дека ова е одговор на најголемиот проблем на скопјани кој со години бил игнориран.
„Свесен за тежината на предизвиците, ја прифатив оваа одговорност за да ги погледнеме проблемите во очи и заедно да ги решиме“, вели Ѓорѓиевски. Тој воедно му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за, како што рече, безрезервната поддршка во услови на тежок колапс во кој е наследен градот.
Градоначалникот најави дека до крајот на годината се очекуваат и нови возила за „Комунална хигиена“, со што ќе започнат сериозни промени во функционирањето на градските служби.

