Во скандалозна одлука на Гостиварскиот суд, новинарката и главен уредник на порталот „Pa Censure“ (Без Цензура), Љиридона Вејсели, е казнета со 700 евра, бидејќи во новинарски прилог го споменала името на судијата во предмет за кој таа известувала подолг период.
При тоа, судијата е споменат само во контекст на изрекување на казна на обвинет, во премногу чувствителен случај од пред една година. Имено, маж се заканувал со порнографски снимки на малолетничка, барајќи од неа да му плати 2.000 евра или да биде во врска со неа, а во спротивно ќе објави сексуално компромитирачки снимки, што всушност подоцна тоа и го сторил. Малолетничката потоа го пријавила случајот и бил отпочнат судски процес. Обвинетиот бил осуден на три месеци затворска казна.


Новинарката Вејсели, која случајот професионално го следела од почетокот и интензивно објавувала и известувала за тоа, без да ја наруши новинарската етика, изненадувачки за неа на 12 јануари, годинава, добива обвинителна пресуда дека во нејзините новинарски видео прилози за споменатиот случај, го „злоупотребила името и презимето на оштетениот судија и со тоа му наштетила на неговата чест и углед, како и на неговата професионална дејност која ја извршува како судија во Основниот суд Тетово повеќе од 37 години“.
Пресудата ја носи судот во Гостивар по предлог на ОЈО Тетово, иако и таа и „оштетениот судија“ се од Тетово.

