Во Собранието се доставени предлозите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија, предложени од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитет. Во јавноста е позната и како поранешна членка на Комисијата за помилување. Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишно искуство, со посебен фокус на кривичната материја.
Предлозите доаѓаат по усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет на 29 декември, со кој се воведуваат измени насочени кон зголемување на транспарентноста и отчетноста, поголема јавност во постапките, појасни критериуми за избор на „истакнат правник“, како и зајакнување на дисциплинската одговорност на членовите на Советот.
Судскиот совет е составен од 15 членови, од кои осум ги избираат судиите, тројца ги избира Собранието, двајца се предлагаат од претседателот на државата, а двајца членуваат по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, без право на глас.
Се очекува предлозите на претседателката да влезат во собраниска процедура од понеделник.

