3,5 милиони евра за снегот и мразот по улиците, но сумата допрва ќе расте
За оваа зима, државните институции во земјава склучиле договори за јавни набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари, односно 3.569.106 евра, покажа најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Склучени се вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија.
Државното јавно претпријатие нема тендер за зимско одржување на патиштата
Најголеми се тендерите на јавното претпријатие за одржување на патишта, кое засега има склучено три двогодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но сите три договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата.
Јавното претпријатие сè уште нема склучено договор со некоја фирма за зимско одржување на патиштата, што значи дека патиштата треба да ги одржува со својата механизација.
Постапката за „ангажирање трети лица“ за зимско одржување на патиштата низ земјава е поништена во декември и веднаш е распишана нова со краен рок за доставување понуди на 10 јануари годинава.
Локалната самоуправа ќе потроши 2,3 милиони евра за зимско одржување
39 единици на локална самоуправа имаат склучено договори за зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата.
Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра.
Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа