Ангелов: Се надеваме на инвестиции од Западна Европа и Америка и во Македонија и во Бугарија

По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија во август 2017 година во Скопје, резултатите се видливи и тоа најмногу во економијата, вели бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, во интервју за МИА.

Тој истакнува дека Бугарија беше меѓу првите земји членки што го ратификуваа протоколот за НАТО и потсети дека во однос на евроинтеграцијата, за време на бугарското претседавање со Унијата, Софија повторно го врати вниманието на регионот.

– Резултати ги имаме во повеќе области. Една од нив е економијата, каде што гледаме дека има зголемен интерес за инвестиции. Само за оваа година, во јануари направивме голем бизнис-форум тука, во Скопје, на кој се обратија вицепремиерите Томислав Дончев и Кочо Анѓушев, а учествуваа над 100 компании. Друга област е туризмот, каде што гледаме резултати, раст над 10 проценти. Во 2018 година вкупно околу 980 илјади граѓани од двете земји биле во туристичка посета. Тука, исто така, психолошкиот праг е да се постигне милион и се надевам дека во 2019 година ќе го поминеме тој праг со посета на милион туристи. Тоа е добро и за двете економии и најмногу за граѓаните за да се запознаат подобро и да комуницираат, а со тоа ќе тргне и бизнисот, вели Ангелов во интервју за МИА.

Тој истакнува дека трето поле е културата. Само во оваа година двете земји потпишаа програма за културна соработка, а беше подготвена и изложбата за Требениште, која тој ја смета за големо постигнување, бидејќи првпат три музеи – Скопје, Софија и Белград успеваат заедно да работат и да презентираат еден ваков вреден проект и за археолозите изложбата беше голем празник.

– Тука е и нашата поддршка за евроинтеграциите и за НАТО. Бевме меѓу првите земји членки што го ратификуваа протоколот за НАТО. Во однос на евроинтеграцијата, за време на нашето претседавање ние повторно го вративме вниманието на регионот, како и со Софиската декларација од 2018 година. Сметаме дека примената на Софиската декларација треба да продолжи и тука продолжуваме да бидеме активни. Верувам дека на крајот на романското претседавање ќе имаме некаков добар резултат, вели Ангелов.

Амбасадорот Ангелов се надева дека големи компании ќе инвестираат во Македонија и Бугарија.

– Се надеваме големи фирми од Западна Европа и од Америка да влезат во двете земји. Интерес има кај софтверските производи. Тука е присутна фирмата „Мусала софт#, која отвори значителен број нови работни места во областа на новите технологии. Исто така, значаен е и Коридорот 8. Тоа е приказна за која говориме веќе втор век, кој конечно треба да почне да работи. Тука гледаме дека се најдоа пари за железницата од Скопје до границата. Софија има да доизгради само два километра. Треба да се поврзат и нашите автопатишта. Коридорот 8 е клучот. Ако ја направиме инфраструктурата, ќе има и повеќе туристи и повеќе бизниси. Тука ги вклучувам и дигиталната агенда и изградбата на новата 5Г-мрежа за побрз широкопојасен интернет. Очекувам железницата да профункционира за 5 – 6 години, како што најавија ресорните министри на двете земји. Од заедничката комисија произлезе и едно важно решение за отворање на чартер авиолинија која ќе ги поврзува Охрид и Варна, вели Ангелов во интервјуто.

Амбасадорот Ангелов истакна дека членството во НАТО е од огромно значење, бидејќи Алијансата означува сигурност која е клучна за привлекување странски инвестиции. Во однос на тоа дали земјава може ли да се надева на датум за старт на преговорите на јунскиот самит имајќи ги предвид статусот со реформите дома и скептицизмот и популизмот во Унијата во однос на процесот на проширување, амбасдорот Ангелов вели дека одговорот на ова прашање е многу комплексен бидејќи има многу фактори – Брегзит, Буџетот на ЕУ, изборите за Европскиот парламент.

– Ние сме ваши поддржувачи и сме посветени на имплементацијата на Софиската агенда, но потребни ни се аргументи за уште посилно да се заложиме за вас, а тие аргументи можете само вие да ни ги дадете ако си го завршите вашиот дел од работата. Правецот е правилен и добар, останува да се завршат уште неколку работи. Тоа се фер и демократски избори, кои се клучни за целиот процес, како и законите што Собранието треба да ги донесе за да може да бидат содржани во извештајот, за и скептичните држави да бидат убедени дека вие произведувате реформи, вели бугарскиот амбасадор.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.03.2019 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега