Маричиќ: Груевски треба да биде вратен и да не ја избегнува правдата, неоправдано му е доделен азил

Шефот намакедонскиот технички тим за преговори со ЕУ , Бојан Маричиќ, кој деновиве престојува во Брисел во рамките на техничкиот скрининг процес со Европската Комисија, за МИА вели дека Европската Комисија и земјите членки треба да бидат свесни дека имплементацијата на важен дел од Преспанскиот договор е поврзан со отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Евентуалното неотворање преговори би можел да го доведе во прашање спроведувањето на спогодбата со Грција.

-Во тек е веќе осмата сесија на техничката подготовка за преговори, оваа недела се работи на поглавјето еден, заеднички пазар на стоки. Веќе од почеток на годинава имаме поминати три поглавја и до средината на годината ќе треба да поминеме 21 поглавје. И уште седум во втората половина од годината. Во меѓувреме очекуваме да имаме поминато најголем дел и заокружена преговарачка структура што ќе ја дочека подготвено одлуката во јуни, со надеж да биде позитивна и да ги почнеме преговорите со ЕУ и официјално, првата меѓувладина конференција некаде веднаш после летото- вели Маричиќ.

На прашањето дали се стопроцентно сигурни дека во јуни ќе добиеме преговори, тој вели дека ќе се стори се што зависи од нашата земја.

-Она што за нас е примарно е ние да го направиме нашиот дел, што зависи од нас. Тоа се трите основни патеки по кои што се движи владата и Република Македонија. Патеката на исполнување на Преспанскиот договор, тој дел е завршен во најголема мера, нашиот дел е завршен, следува грчката ратификација и сите фази на имплементација како што се опишани. Втората патека се реформите. Направивме план 18 што се спроведува и дава веќе видливи резултати во клучните области утврдени од Европскиот Совет минатата година, и во борбата против корупцијата, и во правосудството и во тајните служби и јавната администрација, направени се крупни чекори што треба да се реализираат до моментот на одлуката за преговори. Третата патека е заокружување на преговарачките тимови, тоа го комплетираме после секоја скрининг сесија. До крајот на месецот очекуваме да се донесат актите на Влада кои што ќе ја дефинираат преговарачката структура детално правно и ќе ги дефинираат односите меѓу институциите во таа смисла. Нас ни е најважно да бидеме подготвени до јуни, да нема никаков аргумент и никакво образложение зашто некоја држава би имала основа да нѐ блокира. Знаеме дека исходот зависи и од резултатите на европските избори и од расположението на земјите членки, но убедени сме дека направивме доволно за да ги започнеме преговорите - вели Маричиќ.

Во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, тој вели дека нема други вести освен оние кои беа објавени во јавноста.

- Груевски е азилант во Унгарија и бесправно бега од властите да издржи затворска казна. Ние ги предадовме сите документи на Унгарија и се надеваме ќе постапат според правилата и дека ќе го екстрадираат. Доколку не, тоа ќе биде нивна одлука со која што ние не се согласуваме. Постојат јасни правила за екстрадиција и на европско ниво и мислам дека може да се екстрадира, има доволно аргументи за тоа, ги доставивме сите акти кои укажуваат на тоа дека Груевски треба да биде вратен и да не ја избегнува правдата и сметаме дека неоправдано му е доделен азил, но тоа е одлука на Унгарија. Од информациите што јас ги имам е дека сѐ уште работат и МВР и обвинителството на целосно разоткривање на целиот случај, вклучувајќи ги контактите што ги имал и дома и надвор од државата и верувам дека штом ќе имаат комплетен извештај ќе излезат во јавност - кажа Маричиќ.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.01.2019 - 09:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега