На градоначалникот му се слошило среде состанок - на пролет ќе се бира нов

Во Охрид денеска е ден на жалост по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски (48), професор на Факултетот за туризам и угостителство во неговиот роден град. Тој почина во саботата претпладне, во возило на Итната медицинска помош, на пат кон Центарот за кардиоваскуларни болести, откако му се слошило на состанок со директорите на општинските јавни претпријатија. Според информациите, причина за смртта е срцев удар, пишува Независен.

Согласно со едногласната одлука на Советот за прогласување ден на жалост, денеска во Охрид се откажани сите манифестации од културно-забавен карактер. Паралелно, откажани се и повеќето активности во Собранието на Македонија, вклучително и пленарното заседание, седницата на телото за помирување и седницата на Комисијата за уставни прашања.

Охрид, општината која традиционално важи за една од централните точки на политичката битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – сега останува без градоначалник. Вакуумот до изборот на нов градски татко, веројатно, ќе се пополни со избор на в.д. градоначалник од редот на советниците во општината.

Според најавите, дополнителен избор за нов градоначалник на Охрид  ќе се одржи паралелно со редовните претседателски избори напролет. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.12.2018 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега