СЕ: Македонија треба повеќе да инвестира во правната помош за ранливите категории

Според последниот извештај на Советот на Европа за ефикасноста на судските системи на нејзините земји членки, Македонија бележи позитивни трендови, нејзина најголема слабост е правната помош.

Во просек во Македонија се одвојуваат осум евра по жител за судскиот систем, покажува последниот извештај на Советот на Европа, што е многу помалку од просекот во другите земји членки на оваа организација – 64 евра од жител.

 

Сепак, вели Стефан Лејенбергер, еден од авторите на овој извештај, потребно е овој износ да се стави во контекст на бруто домашниот производ на земјата, и во тој случај Македонија добива подобра оценка, истакнува авторот.

-Осум евра во Македонија нема иста вредност како во богата земја. Буџетскиот напор што му се посветува на судскиот систем не е меѓу најлошите, вели Лејенбергер за МИА.

Малта, па дури и Франција, објаснува авторот, пропорционално на нивниот БДП посветуваат помалку финансиски средства за ефикасноста на судскиот систем отколку Македонија.

-Секако дека не е доволно, за да функционира еден судски систем мора да се посветат доволно финансиски средства, и Македонија треба да продолжи во истиот правец.

Најслабата точка на земјата е правна помош за сиромашните граѓани и достапноста на судскиот систем за поранливите категории граѓани. Иако Советот на Европа го поздравува фактот што оваа помош конечно постои, сепак, таа не е доволна за судскиот систем да биде навистина ефикасен.

Само 0,7 отсто од јавниот буџет во Македонија во 2016 година бил посветен за правната помош на ранливите категории, што е една од најниските стапки како во регионот, така и во Европа. За споредба, во Ирска и Норвешка оваа бројка постигнува 35 и 38 отсто.

- Добро е што системот постои, порано не беше случај, но системот е сѐ уште релативно слаб и ќе треба да се зголеми пристапот до судии за жителите, да продолжи да се развива овој систем за да се зголеми бројот на луѓе на кои им е потребна правда, а немаат средства за тоа, вели Лејенбергер.

Според извештајот, во Македонија годишниот приход кој овозможува пристап до правна помош за едно лице е од 2087 евра.

Освен тоа, судовите во Македонија се релативно способни да се соочат со бројот на предмети кои треба да се процесуираат, иако и ова бара подобрувања, нотира извештајот, посебно во однос на граѓанските судови.

-Ефикасноста на судовите во граѓанските материи, на пример првостепените судови, немаат целосен капацитет да се справат со обемот на предмети кои пристигнуваат и има тенденција кон зголемување на заостанатите судски предмети.

За граѓански предмети во просек се потребни околу 140 дена, додека за кривичните предмети се потребни 91 дена, стои во извештајот на СЕ.

Конечно, како во многу источни и бивши комунистички земји, Македонија издвојува значаен дел од буџетот за обвинителствата, 28 отсто за 2016 година, но, предупредува извештајот, во случајот на Македонија оваа релативно висока стапка се должи делумно на фактот што беше креирано Специјално Јавно Обвинителство. 

 

 

 

05.10.2018 - 13:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега