Иванов: Два пати ја добив довербата на граѓаните - на 30. септември нема да гласам

Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порача претседателот на Република Македонија,д-р Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит.

Претседателот Иванов потсети дека согласно Член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рече Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

„Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, потенцираше македонскиот претседател.

Иванов порача дека во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. „Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост“, истакна македонскиот претседател.

Прашањето за името и идентитетот, потенцираше Иванов, е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес. Имајќи го сево ова предвид, јас ја донесов мојата одлука. „Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука“, истакна македонскиот претседател. 

Иванов се заблагодари за сета досегашна поддршка од дијаспората и изрази верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да и помогне на Македонија. 

Во обраќањето Шефот на државата уште еднаш го реафирмираше својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и дека решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.

„Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет“, порача претседателот Иванов.

Иванов додаде дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. „И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам“, рече Претседателот.

Македонскиот претседател потенцираше дека отсекогаш се залагал за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, но и за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси.

На Гала вечерта во организација на Обединетата Македонска Дијаспора на претседателот Иванов му беше доделено највисокото признание  „Глобален државник“. На Гала вечерта на ОМД присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.

Претседателот на Република Македонија престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија  на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

 

 

 

23.09.2018 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега