Над 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за промена на уставното име

Додека трае кампањата за претстојниот референдум, кој треба да се одржи на 30. септември, дваесетина членови од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ одделно се изјаснија на социјалните мрежи и го кажаа својот став, односно соопштија дека нема да гласаат на референдумот.

-Совеста не ми дозволува да излезам на референдум кој е длабоко манипулативен, а верувам дека овој став ќе преовлада и кај најголемото мнозинство граѓани на Македонија. Истовремено, доколку власта, независно од ваквата подмолност, одлучи да ја продолжи постапката во Собранието преку уставни измени за промена на уставното име, недвосмислено нема да ги поддржам истите”, напиша поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Тој кажа дека нема да гласа за уставни измени, дури и да успее референдумот на 30 септември за прифаќање на Договорот од Преспа.

Во краток рок, со јавноста својот став го споделија и пратениците Васил Пишев, Влатко Ѓорчев, Дафина Стојановска, Зоран Илиоски, Ане Лашкоска, Димитар Стевананџија и уште неколку други пратеници кои се изјаснија против уставни измени.

За разлика од нив, претседателот на партијата Христијан Мицкоски во интервју рече дека ќе ги почитува резултатите од граѓанското изјаснување.

-Ако референдумот е успешен и ако мнозинството граѓани се изјаснат „за“ дека го поддржуваат сето ова, тогаш ситуацијата е јасна, односно, ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус и мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

 

 

 

 

20.09.2018 - 18:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега