Уставните измени ќе започнат од октомври

По завршувањето на референдумот на 30. септември, ќе започне подготовка  на уставните измени согласно со договорот со Грција, објави „Независен“, повикувајќи се на владини извори. Како што информира „Независен“, потребни ќе бидат потребни минимум три месеци за да се дојде до последната фаза – прогласување на донесените амандмани. Целта е, како што се наведува, сè да биде готово најдоцна до крајот на јануари, за да почнат процедурите за полноправно членство на земјава во НАТО, а претходно договорот за името да биде ратификуван во парламентот во Грција, која потоа влегува во предизборие, со оглед на изборите за Европскиот парламент во мај.

Премиерот Зоран Заев најави промени во преамбулата на Уставот и на членовите 3 и 49, кои се однесуваат на територијалниот интегритет и суверенитет на државата и на македонското малцинство надвор од земјава. Според Заев, во преамбулата ќе има само зајакнување на одлуките на АСНОМ за слобода, демократија, еднаквост помеѓу граѓаните, а за дијаспората ќе се применат европски правила.

Од Владата сепак остануваат на ставот дека уставните измени ќе се елаборираат по завршувањето на референдумот, односно откако ќе се знаат резултатите од гласањето на 30 септември. Потоа, за уставните измени треба да биде информирана ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се очекува поддршка за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за прогласување на уставните измени, со оглед на најавите на опозициската партија дека по референдумот ќе ја почитува волјата на граѓаните. Интересно е дека поранешните премиер и претседател на Собранието, Никола Груевски и Трајко Вељаноски се членови на Уставната комисија, која е првиот филтер низ кој треба да поминат амандманите откако ќе бидат пуштени во собраниска процедура.

 

 

 

 

19.09.2018 - 09:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега