Димитров: Македонци сме, Македонци и ќе бидеме во Европа

По средбата со Михаел Рот, денеска министерот з анадворешни работи, Никола Димитров, истакна дека не се работи само за решавање на еден спор, туку, како што рече, тоа е прашање со многу поголеми геополитички импликации зашто не се однесува само на Македонија и Грција, туку и на целиот Балкан. 

- Затоа ова прашање не е партиско-политичко, туку од државен интерес. Имаме историска шанса. До нас е дали ќе ја зграпчиме. Ова е еден пат, друг немаме. Мора да се надминеме самите себеси, со исправена глава, да видиме реално што добиваме, што губиме, и да си донесеме одлука. Бидејќи од секој граѓанин ќе зависи каде ќе биде Македонија особено во следните месеци, но ќе зависи и каде ќе биде Македонија за пет-десет години од сега. Ако има друг пат, добро е да го дознаеме, но друг пат - нема, истакна Димитров на заедничката прес-конференција со Рот. 

Смета дека во последниов период надвладеала автоцензура во која, како што рече, на  партиско-политилките противници на историскиот успех им оставиле преголем простор. 

- Премногу денови, со евтини обланди и налепници, а без суштина. Македонци сме, Македонци ќе бидеме и во Европа. Македонски јазик зборуваме, македонски јазик ќе ни остане. Отвораме врати, важно е за нашата државност, за нашата стабилност и иднина, важно е каде ќе не биде и какви ќе бидеме за десетина години. Прекрупно е ова прашање за да го врзуваме со какви било други шпекулации. Мора да сме одговорни за нашата иднина и да не заборавиме дека политичката промена во Македонија се случи, пред се, заради жедта за одговорност, рече шефот на македонската дипломатија.

 

 

 

23.07.2018 - 19:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега