Македонија била цел на хибридна војна

„Во текот на 2017 година, Македонија беше цел на хибридни закани во неколку клучни моменти, особено при промената на власта и промената на соседските односи. Разузнавачките приоритети на земјата беа насочени кон детектирање и откривање деструктивно влијание на надворешни сили, кои преку медиумско-политички инсталации во Македонија и во регионот се обидуваа да влијаат врз перцепцијата на граѓаните со проектирање на антизападен, анти-ЕУ и анти-НАТО наратив“, открива Агенцијата за разузнавање (АР) во својот годишен извештај, кој првпат е достапен и за јавноста.

Во извештајот пишува дека безбедносното  Безбедносното опкружување на земјава лани, според агенцијата за разузнавање, било детерминирано од глобалните поместувања на центрите на моќ, поделбата на сфери на влијанија, конфликтите на Блискиот Исток и политичката турбуленција во регионот на југоисточна Европа.

Предмет на интерес кај разузнавачите била и „студената војна“ меѓу Русија и Западот, чии влијанија се прекршуваат во регионот, вклучително и во Македонија. Во земјава се следеле поединци и групи со криминален бекграунд. Остварена е меѓународна соработка со 46 партнерски служби на пет континенти. Разменети се 1.963 ноти, од кои 1.041 отстапени и 922 примени. Во разузнавачкиот дел се заведени 10.969 основни акти со степен државна тајна и строго доверливо, 9.588 со доверливо и 1.208 со интерно.

Од агенцијата наведуваат дека приоритетите во нивното работење произлегле од надворешно-политичката агенда на владата за засилување на активностите кон евроатлантскиот курс на државата.

Поради влијанија врз безбедноста од конфликтите на блискиот исток, задржан е фокусот на заканите од меѓународен тероризам, странски борци и повратници, верски радикализам и насилен екстремизам.

Поради засилените активности на шверцерските мрежи во близина на границата и обидите за реактивирање на „балканската рута“, кризната состојба на северната и на јужната граница била продолжена до јуни годинава, а се вршел засилен надзор врз прифатните транзитни центри.

 

 

 

14.05.2018 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега