Во функција осветлувањето на дел од автопатите А2 и А4

 ЈП за државни патишта заврши со осветлувањето на дел од автопатите А2 и А4 во вкупна должина од 12 километри и го стави во функција осветлувањето на делниците: клучка Хиподром – клучка Белви – клучка Илинден во должина од 5,5 километри и клучка Хиподром – клучка Кадино во должина од 6,5 километри.

На овие потези, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, вкупно се поставени 276 канделабри со 585 светилки. Вредноста на инвестицијата е 61 милион денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

- Целото осветлување е управувано од централен систем за мониторинг од каде е овозможено во реално време да се врши далечинска контрола во зависнот од интензитетот на сообраќајот и временски услови на патните делници. Преку системот се врши детектирање и алармирање во случај на настанат дефект, кој помага во добивање навремена информација заради брзо отстранување на дефектот, преку што се обезбедува подобра безбедност на сообраќајот во ноќните часови, соопшти Министерството.

На овие делници, се додава во соопштението, во системот се интегрирани и шест мини метеоролошки станици кои ја мерат температурата, влажноста и притисокот на воздухот, а постојат и услови за дополнително поставување на сензори за мерење на температурата на коловозот.

- Сите овие информации и параметри од уредите на системот за мониторинг, управување и контрола на осветлувањето, се зачувуваат во посебна база на податоци и се користат за понатамошни анализи за поефикасно превентивно и периодично одржување, се со цел за зголемување на животниот век на поставената опрема и намалување на трошоците за одржување во периодот на експлоатација на објектите, прецизираат од Министерството за транспорт и врски.

 

 

 

28.04.2018 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега