Заев: Нацрт-спогодбата од Грција пристигна, но и македонскиот предлог е испратен до Атина

По завршувањето на тематската владина седница посветена на младинските политики, премиерот Зоран Заев одржа прес-конференција во Владата каде потврди дека нацрт-спогодбата од Грција за решавање на спорот со имeто е пристигната, како што и македонската е испратена во Атина.

Тоа, според него, треба да биде алатка која може да помогне, а не да одмогне на процесот на подготовка на преговорите што ќе продолжат во Виена на 30 март

- Не би навлегувал во деталите. Министерот Никола Димитров попладнево ќе даде одговор на сите прашања. Спогодбата е пристигната, како што и нашата е испратена како верзија, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Прашан дали „фаворит“ на грчката страна е името „Горна Македонија“, Заев кажа дека не е разговарано за конкретна географска одредница.

- Немаме разговарано за конкретно име ниту од наша, ниту од нивна страна. Прво се важни другите аспекти на преговорачкиот процес. Не навлегувам во деталите токму од внимателен аспект да дадам шанса за успех на овие преговори. Можеби сум оној кој најмногу верува, но имам причини зошто, додаде Заев. 

За посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас рече дека станува збор за возвратна посета.

- Важна е бидејќи Коѕијас доаѓа на нашиот аеродром што значи мерка на доверба и исчекор кон пријателството што го создаваме. Ќе има серија состаноци меѓу министрите за надворешни работи и работните групи, најави македонскиот премиер и потврди оти и тој ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија.

Според него, ваквите билатерални средби можат да бидат само помош на преговарачкиот процес што се води под покровителство на ОН, во функција на изнаоѓање решение, а не одложување.

- Драго ми е што и грчката страна е посветена на изнаоѓање механизми и начини како да се реши проблемот што Грција го има со нашето уставно име, а притоа да се сочува достоинството и интегритетот на двете страни, изјави Заев.

 

 

 

20.03.2018 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега