Синдикатот на „Еурокомпозит“ бара смена на раководството

Сидикатот на прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бара Владата да го исполни и последниот услов од договорот - смена на раководството на компанијата, соопшти денеска на прес-конференција пред фабриката Синдикатот на „Еурокомпозит“.

- На последната средба од 6 март со вицепремиерот Кочо Анѓушев и двете страни, ние како Синдикат, и Владата, го исполнивме договореното.  Штрајкот го ставивме во мирување, добивме една просечна републичка плата, фирмата работи зашто имаме договори со клиенти и фирми, но не е исполнет договорот за смена на раководството за кое се сомневаме дека има направено финансиски малверзации, рече претседателот на Синдикатот Роберт Богданоски.

Даваме, додаде, рок од 48 часа за да се исполни ветеното и потоа може да пристапиме кон радикални мерки. 

Богданоски воедно изнесе тврдење дека имало одредени притисоци од раководството за откази, а генералниот директор на „Еурокомпозит“ Александар Кузески ги отфрли обвинувањата на Синдикатот и за притисоци за откази и за евентуални финансиски малверзации. 

- Разбирам дека вработените очекуваат што побрзо да се реши тешката финансиска состојба во компанијата. Но, нема никакви притисоци за откази, а дел од проблемот, сметам дека е во ревидирањето на побарувањата што ги имаат вработените, зашто дел од нив се во време кога се протестирало и штрајкувало, а според Законот, тогаш се помали побарувањата и не е цела плата, вели Кузески.

Владата, посочува, е таа која смета дали раководството може да остане на чело на компанијата или да биде разрешено. Доколу оставката е тоа што ќе придонесе компанијата успешно да продолжи и работите да тргнат на подобро, тоа е најмал проблем и не треба да се дискутира. Доколку некој може да го гарантира тоа, јас сум подготвен, рече Кузески. 

Додаде дека во однос на финансиското работење на компанијата стои зад секој потпис, но оти има инситуции кои може да утврдат за што станува збор.

 

 

 

20.03.2018 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега