Раст на добивката на Алкалоид од 11%
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 6.932.176.270 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.305.754.848 денари, бележи зголемување од околу 8%, единечната нето добивка изнесува 765.954.710 денари и истата е зголемена за 9%.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 9.094.716.094 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 5%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 13%. Од вкупните консолидирани продажби, 38% се остварени на домашен пазар, додека 62% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во В.Британија со продажби од 202.665.540 денари што претставува зголемување за 13 пати и Унгарија со продажби од 31.452.936 денари што претставува зголемување за 3,5 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 60%, Чешка раст од 22%, Полска раст од 65%, Словенија раст од 12%, Хрватска раст од 13%, Русија раст од 17%, Украина раст од 208% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, Кардиолошките препарати со 16%, Антибиотиците со 14%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 9% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.413.336.067 денари бележи раст од 9%, додека нето консолидираната добивка во износ од 809.277.171 денари е зголемена за 11%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - декември 2017 година изнесуваат 861.420.437 денари.
Во периодот јануари - декември 2017 година во Алкалоид се реализирани 143 нови вработувања во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа