Шилегов: Веднаш ќе преземам мерки за намалување на загадувањето на Скопје

 Како градоначалник на Скопје уште од првиот ден ќе започнам сериозен концепт и ќе преземам сериозни мерки, кои ќе придонесат за ослободување на градот од енормното загадување, порача денеска Петре Шилегов, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата.

- Тоа нема да биде лесен процес, туку ќе биде процес во кој што резултатите ќе дојдат сукцесивно. Затоа нема да дозволиме да изгубиме ниту еден ден, за резултатите да бидат што е можно побрзо остварливи. Активно ќе ги вклучиме и претставниците на граѓанските асоцијации, во концептот на градската администрација што ќе ја предводам. Одлуките нема да ги носиме од канцеларија - автоцентрично, туку ќе бидат носени со оние луѓе кои што најдобро ја знаат и ја познаваат проблематиката, изјави Шилегов.

Посочи дека граѓанските асоцијации најдобро го познаваат проблемот со загадувањето и додаде дека со Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ постигнале согласност за одредени мерки, кои ќе мора да се спроведат во борбата за чист воздух и здрава животна средина.

- Како градоначалник на Скопје, ќе воведам итни вонредни мерки за време на грејната сезона кога загадувањето на воздухот е најинтензивно. Во соработка со општините во рамките на градот Скопје, ќе создадеме и мониторинг мрежа за мерење на загаденоста. Ќе изработиме студија во која што ќе може да се видат изворите на загадувањето, која ќе биде основ за преземање на среднорочните мерки во насока на решавање на прашањето за загадување на воздухот, потенцира Шилегов.

Најави дека веднаш ќе започне и со санирање на коритото на Вардар, отстранување на градежниот материјал од коритото на реката и песокот, а се обврза и дека постојано ќе го зголемува буџетот на градот за заштита на животната средина. 

- Бидејќи палењето отпад во и околу градот е еден од сериозните проблеми со кои се соочуваме со години наназад, предвидуваме систем на 24-часовен мониторинг на сите локации низ Скопје и околината. Најважен чекор за мене како градоначалник е итна гасификација на Скопје. Гасификацијата ќе ја започнеме од деловите на градот што не се опфатени со топлификациската мрежа со цел до граѓаните да направиме достапен еколошки поприфатлив енергенс и поевтин за нивните домашни буџети, посочи Шилегов.

 

 

 

12.10.2017 - 17:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега