Шилегов: Суштината на мојот мандат ќе биде обезбедување на чиста и здрава вода за пиење и чист и здрав воздух

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов денеска од Матка изјави дека екологијата и животната средина ќе биле клучни приоритети на новата градска администрација и дека на граѓаните на Скопје им е потребно повеќе зеленило, повеќе паркови и еколошко прифатлива животна средина.

– По преземањето на мандатот, веднаш ќе започнеме активности за уредување и на овој локалитет Матка и за уредување на спортско-рекреативниот центар „Треска“, со цел да го направиме попристапен, поуреден, до граѓаните на Скопје, како би можеле ова непроценливо природно богатство да можат да го користат во текот на целата година, во едни нормални услови, во чиста средина, без овие запоставени стази, без овие запуштени места, неисчистени, неизметени, неискосена трева, каде што се уништува целосната инфраструктура на овој комплекс, рече Шилегов.

Тој додаде дека суштината на неговиот мандат ќе биде обезбедување на чиста и здрава вода за пиење и чист и здрав воздух за граѓаните на Град Скопје, бидејќи тие се клучни за здравјето и животот.

– Граѓаните се сериозни во овие барања, во целост ја имаат разбрано опасноста. Токму денешната акција на оваа граѓанска иницијатива е потврда за ваквите наши тврдења. Токму заради тоа во градот Скопје го воведуваме правилото за задолжително надоместување на загубеното зеленило заради вршење на определени градежни работи. Независно дали е граѓанска иницијатива, независно од тоа од кого таа иницијатива потекнува, јас и мојот тим секогаш ќе бидеме тука, да поддржиме акции кои што се во интерес на градот, кои што значат подобар и поквалитетен живот за сите нас, а постојното зеленило ќе биде целосно заштитено, односно ќе биде ставен мораториум на било какво вршење на градба врз постојните зелени површини во градот, рече Шилегов.

 

 

 

08.10.2017 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега