„Протагон“: Атина сака стабилна Македонија

„Јасно е дека Атина сака стабилна Македонија. Тоа е единствениот начин да се овозможи решавање на името, кое е најважно отворено прашање за Грција на Балканот“, пишува грчкиот портал „Протагон“ во анализа за тоа зошто ситуацијата во Македонија има големо значење за Грција.

Порталот истакнува дека, исто така, евентуалната нестабилност во нашата земја би можела да ги интензивира „притисоците за членство на Македонија во НАТО, како начин за обезбедување мир, што ќе предизвика главоболка во Атина со нерешено прашање за името“.

- Во исто време, нашата земја има економски интереси во земјата, и покрај повлекувањето на грчките банки од соседната земја, преку процесот на мерките за градење доверба се прават напори за поблиска соработка во области како што е енергетиката, пишува „Протагон“ потсетувајќи дека двете земји договараат и поврзаност со гасовод.

- Стратешки, Атина во своите пресметки треба да ја вклучи и можноста од граѓански конфликт, кој ќе има влијание на пошироката стабилност во регионот и можноста за уште поголемо зајакнување на албанскиот фактор. Не може да не се забележи дека односите на Грција со Албанија не се баш најдобри во периодов, а непризнавањето на Косово ги прави работите уште потешки, наведува порталот и додава дека Грција „не треба да ја игнорира ниту поддршката која Анкара ја дава за Македонија од првиот момент на раѓањето на новата држава“.

„Протагон“ на крајот пишува дека односите меѓу Атина и Скопје никогаш не биле блиски, и покрај зачестените средби во последните години меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Во текстот се потсетува и на сопштението на гркчото МНР после инцидентите во македонското Собрание во кое беше наведено дека „Грција, која долго го поддржува принципот на немешање во внатрешните работи на соседните земји, е подготвена, кога и да се побара од неа, да придонесе за деескалација на кризата врз основа на принципите на меѓународното право и почитувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитот“ на Македонија.

- Без оглед на сето горенаведено, отворените прашања со соседните земји ги ограничуваат маневрите на Атина, заклучува грчкиот портал. 

 

 

 

02.05.2017 - 11:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега