Во Крива Паланка презентирана новата ИПАРД Програма

Секторот за управување со ИПАРД фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со општина Крива Паланка и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, организираше презентација на можностите и условите за користење на средствата од новата ИПАРД 2 Програма 2014-2020 година.

Пред присутните индивидуални земјоделци, претставници од земјоделски стопанства, занаетчии, стопанственици и претставници од малите и средни претпријатија од општината беа претставени мерките: инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, инвестиции во материјални средства кај преработувачките стопанства и диверзификација и развој на економски активности на фармите и развој на бизнис, со посебен акцент на рурален туризам.

-Во оваа нова програма за публицитет ги промовираме новиетите на ИПАРД 2. Интензитетот на интересот за користење на мерките кај земјоделците е несмален, но поради административниот трансфер од една програма до друга, тие беа во исчекување овој период. Очекуваме наскоро да биде објавен јавниот повик за ИПАРД 2 и во таа насока низ повеќе места во републикава спроведуваме кампања за промоција на новитетите, изјави Виктор Младеновски од секторот за управување со ИПАРД при МЗШВ.

Рече дека мерките остануваат исти, а воведени се и дополнителни поволности.

-Променета е стапката на кофинансирање на инвестициите во првата и третата мерка, што е многу важно. Наместо досегашните 50 односно 55 проценти, стапката на кофинансирање во првата мерка може да достигне и до 65 односно 70 отсто во подрачјата со ограничени можности за развој на земјоделството, како што е и општина Крива Паланка. Новитети има и по однос на некои типови инвестиции кои досега не беа во Програмата, новитет е воведување на полјоделството како прифатлив сектор за инвестирање, а во третата мерка новитет е инвестирање во обновливи извори на енергија, дел од нив за сопствено користење на енергијата, а дел од инвестициите овозможуваат и продажба на енергијата, дополни Младеновски.

Новата ИПАРД Програма има на располагање околу 60 милиони евра Европски средтсва на кои се додаваат и 25 проценти од македонските средства, распоредени соодветно низ трите мерки.

-Во план е воведување нова мерка за инвестиции во рурална инфраструктура, а корисници на средства од истата ќе бидат општините. Мерката е воведена во програмата, меѓутоа процесот на акредитација сеуште тече, а по завршување на процедурите,  мерката ќе биде промовирана по што ќе следи процес на објавување јавен повик и аплицирање на општините за обнова на инфраструктурата на локално ниво, потенцира Младеновски.

 

 

 

 

04.04.2017 - 17:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега