Извозот расте - се менува структурата

Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Италија – ова се петте најголеми трговски партнери на Македонија. Компаниите од слободните зони направија промени во трговската размена, пишува Лидер.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат континуиран раст на извозот од земјава, се менува и структурата кон производи со многу повисока додадена вредност, што размената ја прави поизбалансирана.

„Охрабрува фактот дека од година во година сè повеќе во структурата на извозот учествуваат финалните производи за сметка на суровините, полуфабрикатите или таканаречените лон производи“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

За годинава со буџетот е проектирана позитива на извозот од 6%, а увозот на стоки и на услуги се очекува да порасне за 4,7% на реална основа. Клучната активност се очекува од слободните економски зони, бидејќи компаниите од ТИРЗ го имаат главниот збор кога е во прашање трговската размена.

„Растот на извозот се очекува да биде придружен со понатамошно подобрување на неговата структура преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Компаниите од зоните – носители на извозот

Податоците на Државниот завод за статистика покажаа дека извозот на стоки од земјава во 2016 година достигнал вредност од 4,78 милијарди долари, односно за 6,6% повеќе во однос на претходната година. Учеството на зоните може јасно да се види од производите кои се пласираат. Во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија („Џонсон Мети“), сетовите на проводници за палење (за возила, авиони или бродови), фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав (повторно резултат на активностите на „Џонсон Мети“), нафтените масла, други метали од платинската група и нивни легури, електричната енергија.

Влезот на нови странски инвестиции во земјава, тренд што беше забавен, но не и запрен поради политичката криза, креираше нови работни места и дополнителен раст на извозот.

„Слободните економски зони ќе бидат генератор на економскиот раст, особено преку синергијата од соработката со локалните компании и добавувачи. Инвестициите и извозот ќе продолжат да се зголемуваат на среден рок“ – оцени деновиве „Стандард и Пурс“.

„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Потенцијал за раст на извозот

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека кај извозот на пијалаци и на тутун е остварен раст од 22,1%, кај хемиските и сродни соединенија од 12,2%, а кај извозот на машини и транспортни уреди има позитива од над 20%, што покажува дека Македонија се преориентира кон пласман на пософистицирани производи во странство.

Зголемувањето на учеството на производи со додадена вредност во извозот се отсликува и на растот на БДП – објаснуваат економистите. Затоа е важна поддршката на извозно – ориентираните компании, а тоа веќе подолг период го бараат бизнисмените од земјава.

„Ние предложивме формирање фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за стимулирање на извозот на извозно – ориентираните компании“ – објаснува претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Народната банка на Македонија, како и меѓународните финансиски институции, очекуваат токму извозот да биде главен носител на економскиот раст годинава.

„Проектираниот раст на БДП за 2017 и 2018 година изнесува 3,5% и 3,7%, соодветно, при што се очекува дека главни носители на растот ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, а позитивни преносни ефекти ќе се почувствуваат и врз пазарот на труд и потрошувачката на домаќинствата“ – објаснува НБРМ.

Германија е главниот играч!

Германија е најважниот трговски партнер за Македонија. Уште поважно е што ние со најголемата европска економија имаме позитивен биланс во размената, што е своевиден феномен во светски рамки. Вкупниот обем на трговската размена со оваа земја лани изнесувал 2,78 милијарди евра, за 10,2% повеќе во однос на претходната година. Од оваа сума, нешто над 2 милијарди евра отпаѓаат на нашиот извоз. Ова се должи на германските инвестиции во Македонија, односно на компании кои произведуваат за германскиот пазар.

Германците имаат свое стопанско здружение во земјава. Секоја година преку анкета се опипува пулсот на германските инвеститори. Генерално, тие бараат да се подобри правната сигурност и да се спроведат реформите.

„Ние сме подготвени да и помогнеме на македонската влада при спроведувањето на реформите, бидејќи сум убеден дека само со заедничко дејствување може да се постигне подобрување на деловната и на инвестициска клима во Македонија, што на крајот ќе придонесе да се привлечат нови инвестиции“ – објасни првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.

Големата улога на Германија за нашата економија може да се види и од разликата во однос на вториот трговски партнер на Македонија. Обемот на размената со Велика Британија е 707 милиони евра, од кои само 52,6 милиони се наш извоз.

Излегоа и податоците за јануари

Обемот на стовната размена во првиот месец од годинава изнесува 807,4 милиони долари. Извозот изнесува 343,8 милиони долари, што претставува раст од 9,6% во однос на истиот месец од претходната година. Покриеноста на увозот со извоз достигна 74,2%. Германија е повторно на првото место на листата најголеми трговски партнери на земјава. Обемот на размената во првиот месец со оваа земја изнесувал 211 милиони евра, од кои на нашиот извоз отпаѓаат 161,5 милиони евра, што претставува раст од речиси 10%.

 

 

 

29.03.2017 - 08:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега