Стопанска комора: Македонците се он-лајн нација - потребен е поголем претприемачки дух

Вкупно 75,3 отсто од македонските домаќинства користат интернет, а преку 60 проценти се он-лајн секој ден. Тоа е одлична основа за почнување бизнис. Потребни се само желба, добри идеи и инвентивност, порачуваат Стопанската комора и ПСМ Инкубаторот кои, како што соопштија денеска, нудат заедничка поддршка за претприемништвото, старт-ап компаниите и самовработувањето.

Според Комората и Инкубаторот, најголеми предизвици за старт-ап бизнисите во земјава се уште се обезбедувањето финансиски средства, пристапот до пазар, обезбедувањето контакти со домашни и странски партнери, како и информирањето за развивање нови продукти и услуги.

- Ги повикуваме старт-ап компаниите да станат дел од коморскиот систем. Заедно со ПСМ-инкубаторот ќе им овозможиме обуки и поддршка во однос на клучните дилеми, како да основаат бизнис, како да најдат кадри, како да го финансираат работењето и да дојдат до контакти со домашни и странски партнери, а преку нив и до пазарите, домашни или странски, истакна на прес-конференција Софче Јовановска од Стопанската комора.

Посочувајќи дека е неопходна поголема едукација за претприемништвото, најмногу во делот на лидерските вештини, таа укажа и на потребата компаниите да направат дигитална трансформација во нудењето на своите услуги зашто тоа, рече, е еден од условите за успешно работење денес. 

- Нашата цел е да има што повеќе старт-ап компании и поголем развој на постојните, нагласи Јовановска. Воедно оцени дека на оние што се успешни, политичката ситуација и амбиентот не им претставуваат пречка.

За почеток на старт-ап бизнис се потребни околу 1.000 евра доколку не е предвидено вработување повеќе лица, истакна директорката на ПСМ Инкубаторот Габриела Костовска Богоевска. Најмногу вакви бизниси кај нас има во дејностите услуги и сервиси, претежно во ИКТ, козметиката, продажбата,... 

 - Старт-ап компании најчесто формираат лица на возраст од 23 до 38 години, а преку 80 отсто од оние кои побарале и добиле наша помош, го продолжиле бизнисот успешно, напомена Костовска Богоевска.

Статистиките од лани покажуваат дека од 70.139 деловни субјекти, 80 отсто се со по максимум девет вработени, а 10 проценти се старт-ап бизниси.

Стопанската комора и ПСМ Инкубаторот како алтернативни начини за финансирање на старт-ап бизнисите ги предочуваат акцелераторските и програмите на ЕУ, Фондот за иновации и Фондот за Западен Балкан кој дава по најмалку 100.000 евра за сериозен, издржан проект.

Комората преку Европската мрежа за бизнис можности обезбедува поддршка во делот изнаоѓање иновативни решенија и реализирање проекти финансирани од ЕУ за мали и средни претпријатија. Исто така, секој петок овозможува и средби со успешни менаџери - претприемачи.  

 
 
07.11.2016 - 12:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега