Лазаров: Да го покажеме нашето вистинско лице

Вардар треба да анулира шест гола од првиот натпревар во Полска, кој го загуби со 26-32, а сите во таборот на „црвено-црните“ се убедени дека тоа е достижно и возможно.

 

Доколку успее во намерата и ја совлада Висла Плок со седум или повеќе голови разлика, Вардар ќе се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите втора година по ред и ќе го повтори најголемиот клупски успех. 

 

-Ќе го играме најважниот натпревар оваа сезона, се надевам дека ќе бидеме поуспешниот тим во ова елиминациско коло. Во Полска одигравме лошо и во нападот и во одбраната и мораме да го подобриме сето тоа ако сакаме да продолжиме понатаму. Трениравме добро оваа недела, немаме повредени играчи и се надевам дека атмосферата на домашен терен ќе биде одлична и ќе ни помогне да одиграме подобро. Секогаш кога игра Вардар на домашен терен атмосферата е извонредна, а тоа ни е многу важно затоа што нѐ очекува  тешка задача, разликата е шест гола, а тоа не е малку, рече тренерот Раул Гонзалес.  

Тренерот на Вардар информираше дека засега само Добривое Марковиќ има температура, останатите сите му се на располагање за саботниот натпревар.

Капитенот Филип Лазаров исто така изрази оптимизам дека не може да се повтори лошиот ден од Полска и дека местото на Вардар е меѓу најдобрите осум во Европа. 

-В сабота нe очекува тешка борба, ситуацијата е максимално комплицирана. Одигравме многу лош натпревар од Полска, имавме лош ден. Екипата на Висла одигра над своите можности, а ние не бевме ни на 50 посто. Се надевам дека во Скопје ќе се сменат некои работи, дека тие нема да одиграат толку добро, но и дека ние ќе го покажеме вистинското лице. Нашето место сигурно е меѓу најдобрите осум во Европа, меѓутоа оваа нокаут фаза не трпи лоши денови и лоши натпревари. Ние имавме многу слаб ден и на крај дури и добро поминавме со шесте негатива. Целта ни е од прва до 60 минута да наметнеме наша игра, да ја зголемуваме предноста од минута во минута и на крилјата на нашите навивачи да испишеме уште една историска вечер за овој тим, да се пласираме онаму каде што ни е местото, истакна Лазаров. 

 

Мечот се игра в сабота во 20:15, а целата сала веќе е распродадена. 

 

 

Оцени ја веста

19.03.2015 - 14:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега