Македонија треба да биде горда на своите ракометари

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески во интервју за МИА истакна дека Македонија треба да се гордее со резултатот кој го постигна македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Катар и изрази уверување дека ова генерација не го има кажано последниот збор.

Во продолжение следува интервјуто со Спасески.

Во тек е Светското првенство во ракомет на кое свое учество зеде и македонската репрезентација. Имавме добар настап, најдобар наш резултат на Мундијалите, но сепак не успеавме да се влеземе во осумтенајдобри селекции. Внимание привлече и присуството на „македонската фаланга". Дали македонскиот спорт ќе извлече придобивка од Светското првенство во ракомет во Катар?

- Да, како држава Република Македонија ќе извлече придобивки на неколку полиња. Иако, можеби ја испуштивме историската шанса да ја победиме репрезентацијата на Словенија и да играме во четвртфиналето, а со тоа и да бидеме чекор поблиску до Олимпијадата во Рио Де Жанеиро, сметам дека Македонија треба да биде горда на нашите ракометари, кои достојно не претставија на светското првенство во Катар. Дополнително, мислам дека оваа генерација не го кажала последниот збор и многу придонесе македонскиот ракомет да се етаблира во европскиот и светскиот крем и на нас да гледаат со стравопочит без разлика дали настапува репрезентацијата или некој македонски клуб. Најважно од се е дека македонскиот ракомет доби спортски херои, со кои младите се поистоветуваат и ги сметаат за свои спортски идоли. Со тоа македонската ракометна иднина во наредниот период ќе биде обезбедена. Сега ни преостанува целосно да се фокусираме на квалификациите за европското првенство, кое вгодина ќе се одржи во Полска и да го продолжиме континуитетот на учество на големите меѓународни натпреварувања.

Но, од оваа ракометна приказна во Катар, придобивки ќе добие и целокупниот македонски спорт. Имено, имав можност да ја посетам Доха во рамките на работната посета на државата Катар, да проследам неколку натпревари на нашата репрезентација, но и да се сретнам со мојот катарски колега, министерот за млади и спорт Салах Бин Ганим Ал Али со кој договоривме соработка и потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете држави во областа на младите и спортот во следниот период, согласно кој ќе се овозможат услови за македонските спортисти да ги користат капацитетите на државата Катар за аклиматизација и успешни подготовки за престојни меѓународни натпревари и подготовки за учество на Олимписки и Параолимписки игри, а ќе се создадат и одлични предиспозиции за обезбедување и на донации во македонскиот спорт.

За да имаме успешен спорт, најпрвин потребни се услови односно спортска инфраструктура. До каде се инвестициите на Агенцијата за млади и спорт во делот на спортската инфраструктура?

- Успехот во спортот, недвосмислено е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Вложувањето на Владата и Агенцијата за млади и спорт преку создавање на инфраструктурни услови за развој на спортот,  е со единствена цел да се создадат нови спортски ѕвезди, кои ќе ја претставуваат Македонија на европските и светски натпреварувања. Континуираната изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени во секоја општина ја потенцираат определбата на Владата за развој на спортот и здравиот начин на живеење. Во изминативе неколку месеци имавме одлична динамика на реализацијата на проектите во делот на капиталната спортска инфраструктура. Пуштивме  во употреба 36 повеќенаменски игралишта, 13 игралишта се завршени и подготвени за свечено отворање, но граѓаните веќе ги користат, а уште 5 се во фаза на градба.

Изградивме 33 спортски сали од проектот за изградба на “35 спортски сали”, а последните 2 се во фаза на градба. Истовремено, во новата програма имаме предвидено изградба на уште 6 нови сали, кои треба да ги изградиме до 2018 година и за кои веќе почнавме постапки за обезбедување на соодветна проектна документација. Конкретно, во завршна фаза ни е изработката на основните проекти за изградба на спортска сала во Домот за деца без родители „11-ти Октомври”  во Капиштец, како и проектот за изградба на спортска сала во општината Шуто Оризари, а нова спортска сала ќе добие и ДСУФК “Методи Митевски – Брицо”, која ќе биде во функција на Спортската Академија, што е уште еден одличен проект на Агенцијата за млади и спорт за создавање на млади и талентирани спортисти.

Од проектот за изградба на “120 тениски терени”, 39 се завршени, а 28 се во фаза на градба, со што полека, но сигурно ја менуваме спортската мапа во нашата земја и овозможуваме одлична основа за создавање на нови спортски ѕвезди и психо-физички здрава младина, која ќе биде оттргната од пороците на модерното живеење.

АМС имаше во план и еден крупен проект каков што е изградба на затворен базен во Охрид. До каде се подготовките и дали имате предвидено средства за годинава да почнат градежните работи?  

- Она што според мене ќе ја одбележи 2015 година е конечно почнувањето со градба на затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото. Основниот проект е даден на ревизија и по неговото комплетирање, ќе се прејде кон обезбедување на соодветно одобрение за градба, објава на јавна набавка за избор на изведувач и надзорен орган и конечно ставање на камен-темелник на долгоочекуваниот базен во Охрид.

Во делот на спортот, Агенцијата за млади и спорт доделува спортски стипендии. Со спортска стипендија се стекнаа и репрезентативците во кошарка кога го освоија четвртото место во Литванија. Ако може попрецизно да не запознаете околу спортските стипендии.

- Агенцијата за млади и спорт со стипендиите ги опфаќа сите категории спортисти. Најпрвин со стипендијата за талентирани спортисти-спортска надеж ги опфаќаме најмладите спортисти до 20 години. Тоа претставува награда за трудот за најмладите спортски надежи, кои секојдневно се вложуваат и се надградуваат. Во текот на годината, во период од 10 месеци, 500 млади спортисти примаат стипендија од околу 4 200 денари месечно, со што можат да ги подмират своите издатоци во текот на спортувањето како што се поквалитетна исхрана, односно витамини, протеини, јаглехидрати, нова опрема за тренинг, патики, дресови, итн. Тие треба да исполнат неколку услови, односно да се на возраст до 20 години, да се државјани на Република Македонија, да се репрезентативци во младинските категории и активно да спортуваат и тренираат во периодот додека ја добиваат стипендијата. Истовремено, во оваа мерка се вклучени и членовите на Спортската Академија.

Во изминативе неколку години даваме директна поддршка на професионалните спортисти, кои постигнуваат врвни спортски резултати на меѓународната спортска сцена и во континуитет доделуваме стипендии од меѓународна и светска категорија. Ваквите стипендии се доделуваат на спортисти сениори, државјани на Република Македонија, врз основа на постигнати резултати во одреден временски период.

Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула. Спортската категорија, спортистите ја стекнуваат врз основа на остварените резултати на официјалните натпревари, државни првенства, европски и светски првенства, светско универзитетско првенство и летни и зимски олимписки игри. При утврдувањето на спортската категорија се вреднуваат само резултатите остварени на официјални меѓународни натпревари кои се во календарот на европските и светските асоцијации и државните првенства. Покрај титулата, спортистите добиваат и паричен надоместок од Агенцијата во одреден временски период.

Имено, стипендијата од меѓународна категорија се исплаќа во времетраење од две години во вредност од 1,3 просечни плати секој месец, додека стипендијата од светска категорија се исплаќа четири години во вредност од две просечни плати секој месец. Напоменавте дека со стипендијата од светска категорија се стекнаа македонските кошаркарски репрезентативци со освоеното 4-то место на Европското првенство во Литванија во 2011 година, а со оваа титула ќе се стекнеа и нашите ракометари, доколку се пласире меѓу 6-те најдобри репрезентации на Светското првенство во Катар.

И секако на крај, Агенцијата за млади и спорт со Националното спортско признание, популарно наречено спортска пензија никогаш не ги заборава спортистите кои постигнале врвен резултат и ја промовирале Македонија во светски рамки. Тоа претставува највисока спортска титула на еден спортист, кој постигнал спортски резултат и тоа: за освоен златен, сребрен и бронзен медал, односно за освоено прво, второ и трето место на Олимписките игри, Параолимписките игри, Шаховска олимпијада, Светски и Европски сениорски првенства во Олимписки и Параолимписки спортови. Тоа е успех за сите граѓани и државата, пример дека со работа, мотивација и желба победите во секоја област се достижни и остварливи. Националното спортско признание се добива во вид на плакета и месечен финансиски надоместок, во висина од една просечна плата до крајот на животот. Со сите овие државни стимули покажуваме дека Република Македонија се грижи за развој на македонскиот спорт. 

Во делот на младите, колку успева Агенцијата за млади и спорт да ги анимира младите и дали во наредниот период планирате нови проекти?

- Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Правиме обид да ги консултираме, вклучиме и информираме. Во делот на младите, во изминатиот период реализиравме проекти со кои  се потврдува нивната движечка сила како промотори на новите вредности на општеството и државата. Имено, како никогаш досега младите луѓе добија бенефиции, со кои се подобрува општата благосостојба и се потенцира нивното значење во општеството. Само во првите 100 дена од конституирањето на Владата го реализиравме проектот „Слободен четврток“, со кој за сите студенти, секој четврток во месецот се овозможи бесплатен превоз во градските автобуси, жичарницата на Водно и железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатно посетување на сите културни институции во Скопје и во државата. Истовремено, обезбедивме 50% попуст за младите луѓе до 29 години за влезници за театар, музеј, опера, балет и филхармонија, а една година пред планираниот рок ги реализиравме проектите за бесплатен викенд во месецот за превоз во железничкиот сообраќај за млади лица до 27 години, како и проектот за „50 % попуст за ученици и студенти во железничкиот сообраќај“ на повеќе релации низ Македонија и тоа: Скопје – Битола, Скопје – Гевгелија, Скопје – Кочани,  Скопје – Куманово и Скопје – Кичево.

Штотуку го завршивме проектот “Млади поети” со објавување на збирка поезија од сите пристигнати дела. Проектот започна во текот на септември 2014 година кога беше објавен конкурс за избор на најдобар млад поет, во чии рамки учествуваа 86 млади луѓе. Од страна на стручна комисија, формирана од членови на Друштвото на писатели на Република Македонија, беа избрани најдобрите три творби за кои обезбедивме симболични награди во висина од 10.000 денари, но сметам дека најголемата награда за сите млади е поети е тоа што нивните дела ја видоа светлината на денот и беа објавени во збирката поезија, која веќе ја дистрибуираме до сите основни и средни училишта во земјава и до сите јавни библиотеки.

Во 2014 година започнавме и со реализација на проектот за откривање на уметничките потенцијали кај младите луѓе "YOUNG ART". Кампањата ja започнавме со објавување конкурс на кој пристигнаа голем број уметнички авторски дела со што младите уште еднаш ја потврдија својата креативност и потенцијал во уметничкото творештво. За најдобрите, Агенцијата за млади и спорт определи по една награда во износ од 40.000 денари во секоја од петте дисциплини. Проектот ќе го финализираме со завршна изложба на која ќе се претстават сите пристигнати уметнички дела во петте категории: сликарство, вајарство, фотографија, графика и графички дизајн, а изложбата ќе биде поставена во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица.

Исто така, го започнавме проектот „Најдобар млад програмер“ со кој ги стимулираме младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки. За успешна реализација на проектот потпишавме Меморандум за соработка со Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и со Здружението на информатичарите на Македонија, кое поседува лиценца за одржување на државни натпревари во Република Македонија во програмирање. Проектот започна со реализација во текот на декември 2014 година со спроведување на караванот по средните училишта во Република Македонија, со цел промовирање на проектот и информирање на средношколците за самиот натпревар. Караванот го сочинуваат претставници од Агенцијата за млади и спорт, ФИНКИ и од Здружението на информатичарите на Македонија. На победниците по категории од олимпијадата ќе им биде овозможено да заминат на Светската олимпијада која ќе се одржи во Киргистан јули, 2015 година. Од страна на ФИНКИ, на најдобрите ќе им бидат доделени стипендии за бесплатно студирање на факултетот, а од страна на Агенцијата за млади и спорт ќе им бидат доделени награди во техничка опрема која ќе им помогне во нивната натамошна професионална надградба.

 

Во таа насока, а со цел што подобро информирање на младите луѓе и добивање опширни информации промовиравте веб страна. Од каква полза може да им биде овој сајт на граѓаните на Македонија?

Да, кон крајот на 2014 година го промовиравме и веб-сајтот наменет за  младите луѓе кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти и секако, информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции. Во рамки на сајтот предвидена е можност младите луѓе да комуницираат со нашата институција, но и да ги достават своите идеи и предлози за активностите  и работата на Агенцијата за млади и спорт.

Оваа вебстрана претставува и место каде младинските здруженија на граѓани можат да ги достават основните информации за своето работење и активности, така што во рамките на овој сајт  функционира и база на податоци за  младинските организации. Со регистрирањето и најавата на сајтот претставниците на младинските организации можат во секое време да внесат податоци за нивните организации, а потоа  да направат и соодветни измени, доколку е тоа потребно, воедно  претставува и  простор за презентирање на нивните активности.

mladi.ams.mk е дел од приоритетот младинско информирање од тековната Национална стратегија за млади, но и дел од напорите на Агенцијата за млади и спорт за  редовно информирање на младите луѓе за информациите кои се важни за нив и нивно активно вклучување  во активностите на АМС.

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 10:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега