Зошто сум за државен испит

Денеска сакав да пишувам за објавувањето на извештајот на американскиот Сенат за методите за измачување приведени лица од страна на американската разузнавачка агенција ЦИА

Точно е дека ова е стара тема што се влече уште од 11 септември 2001 година, а која го урниса угледот на САД со скандалот во затворот Абу Граиб во Ирак, но самиот извештај е меѓник во глобалната историја, кој мора да биде предмет на критички осврт од секој коментатор. Сепак, токму поаѓајќи од истиот став, односно дека коментаторот мора да изнесе свој став за клучната тема на денот во неговата заедница, јас ќе пишувам за студентскиот протест. 

Веднаш на самиот почеток ќе го изнесам својот став - јас го поддржувам предлогот за воведување државен испит. Точно е дека јас се повлеков од актуелната влада и точно е дека јас имам различно мислење од главниот тек на мислата во актуелната влада по повеќе прашања од културната сфера (прашањата за демографијата, женските права, правата на сексуалните малцинства и други прашања за кои низ светот се бијат „културните војни“). Меѓутоа, јас не се сомневам во политичката волја на актуелната македонска влада за подобрување на состојбите во образованието, здравството, работничките права, регулативата, инвестициите и во одбраната на суверените права на македонската држава и македонскиот народ. Јас слободата и демократијата ги разбирам единствено како изградба на општество и држава каде што СЕКОЈ ќе добие еднаква шанса за успех, за да си го искаже своето мислење и за да си ги гради својот живот и семејство онака како што наумил. Во тој контекст, секогаш кога политичката борба во Македонија се изострува, па на едната страна ги имаме ВМРО-ДПМНЕ, а на другата страна СДСМ, јас својата поддршка ја давам за страната што се бори за среќата на секој поединец, за напредок на општеството и за шанса на секого, а во судирот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тоа е секогаш ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ми е врвен апсурд кога СДСМ и ним прикрепените општественици зборуваат за слобода, демократија и човекови права. Тие принципи во Македонија се возможни само кога и доколку СДСМ не е на власт. Тоа е партијата што се бори за привилегиите на македонската комунистичка и посткомунистичка врхушка и за нивното биолошко потомство. Сите ние преостанатите сме само епизодни ликови и бројчиња, од перспектива на Бихаќска. 

Елем, кога го разјаснив ова, должен сум да објаснам и зошто ја поддржувам идејата за државен испит. Клучниот долгорочен проблем на Македонија е образованието! Бројките на наши граѓани со високо образование се трагични, споредени со развиените демократски држави со силна економија. Во услови кога знаењето на граѓаните станува основен ресурс за економски подем на една држава во 21 век, нормално дека Владата треба да стори сѐ за да се подобри ситуацијата. Оваа влада досега донесе неколку извонредни мерки во таа област - задолжителното средно образование, купувањето лаборатории и опрема во вредност од над 100 милиони евра, екстерното тестирање, државната матура, преводите на стручните книги и учебници, како и круната на образовната политика, односно понудата за стипендирање на секој ученик што ќе се запише на првите 100 глобални универзитети, односно првите 200 во техничките струки. 
За жал, секоја од овие реформи беше пречекана со невиден отпор и со баражен оган токму од една политички наименувана и семејно вградувана комунистичка и посткомунистичка елита во Македонија, која совршено добро знае колку ќе изгуби доколку конечно македонскиот народ излезе од темнината. Еден дел реформи и не успеаја баш од истите причини. Концептот што беше понуден за државен испит далеку од тоа дека ќе ги реши проблемите, но според мене, тој заслужува продлабочена дискусија и не треба да се отфрли.

„А како автономија“ беше еден од слоганите на протестот. Јас ќе бидам искрен и ќе признаам дека секогаш кога ќе го слушнам зборот „автономија“, во контекст на македонските универзитети, се фаќам за пушка! Кога јас бев студент „автономијата на универзитетот“ значеше толерирање на професорите што воопшто не доаѓаа на предавања, дозвола за изживување врз студентите при испитните сесии, одобрување на рекетирањето студенти преку обврска за купување учебници и скрипти, обврска што беше предуслов за испит, учебници со поминат рок на траење што ништо не значат во сферата на глобалната наука, па и други изопачености што беа од онаа страна на моралот, но и на законот. Притоа, тука зборувам за УКИМ, убедливо најдобриот универзитет во Македонија. УКИМ, со ретки исклучоци, како на пример Институтот за хемија при ПМФ и неколку бисери расеани по другите факултети, го нема никаде на глобалната мапа на науката и никаде нема ни да го има доколку и овој пат однесе победа групата што погоре ја опишав. „Бисери пред свињи“ вели една латинска поговорка, па јас токму така се чувствувам и ден-денес кога зборувам за моите стари професори, кои фрлаа некаква светлина во сеопштата мизерија на македонското високо образование од 1990-тите. Дел од нив ги видов на протестите, Ѓорѓи Марјановиќ, Гордана Силјановска, Билјана Ванковска, Венко Андоновски, Владимир Петрушевски-Фили, па со нетрпение го чекам следниот разговор со нив за да заклучам каде се разидуваме и зошто мислиме поинаку. Нормално, ова се бисерите, но далеку надзастапени на протестот од професорската фела беа оние од вториот дел на латинската поговорка. 
Точно е дека како и при сите протести свое место се обидоа да си најдат и некои ликови што само им штетат на иницијаторите. СДСМ јасно застана зад протестите и очигледно е дека обезбедуваше логистика, а ги видовме и општествените и политичките вампири, односно групата што не ужива никаков углед во јавноста, нема никакви идеи, цел или кауза, но е добро подмачкана од разни грантови. Ги нарекувам вампири затоа што тие добро знаат да се прикачат на некоја нова, свежа и интересна идеја или движење, па откако ќе му ги исцицаат сите животни сокови и ќе го сотрат, стануваат уште пожедни на „нова крв“ и „свежо место“.

Меѓутоа, убеден сум дека помеѓу студентите што протестираа постојат и автентични ликови, кои се предизвикани на овој начин да го привлечат вниманието за својата состојба. Нивните ставови, исто така, би сакал да ги слушнам, иако ќе повторам дека не се согласувам со нивните изложени предлози. Повеќе би сакал прогресивните студенти да бидат авангардата што ќе бара далеку повеќе реформи од Владата, наместо да биде параванот зад кој ќе се кријат оние што го урнисаа македонското образование и што сакаат да си ги одбранат сопствените привилегии, токму за сметка на иднината и перспективата на овие и на сите преостанати генерации студенти. 

Според мене, државниот испит може да биде алатка со која објективно ќе се утврди кој го поседува неопходното знаење, но и преку кој на најобјективен начин ќе се изготви рејтинг-листа на најдобрите. Не би сакал и оваа генерација македонски студенти да го доживее тоа што го доживуваше мојата генерација. Ние кога завршивме со образованието немоќно гледавме како во Македонија се пробиваат медиокритетните, за сметка на најдобрите, само затоа што имале звучно презиме, семејни врски или дебела банкарска сметка. Дел од тие медиокритети сега глуми некаква елита и дава отпор на секоја иницијатива за објективност и мерливост. Не се сомневам дека политичката волја на македонската влада е да пронајде алатки и механизми за објективно оценување, како што не се сомневам и дека мнозинството студенти се борат токму за истото, но вампирите добро ја изиграа својата игра и вешто предизвикаа судир онаму каде што конфликт не требаше да постои.

Затоа, ајде да отвориме поширока расправа. Јас изложив зошто сум за државен испит и зошто сметам дека овој концепт може да доведе до објективност. Статус кво ситуацијата не можам да ја прифатам затоа што тоа ќе значи натамошна агонија на македонското образование и на македонската држава. Што мисли другата страна? Како да дојдеме до објективност?

Ивица Боцевски за Нова Македонија

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега