Македонија против Словачка за најважниот натпревар во квалификациите за ЕУРО 2016

 

Македонската фудбалска репрезентација во сабота на 15 ноември на националната арена „Филип Втори“ ќе го одигра можеби најважниот натпревар во овој квалификациски циклус. Противник е моментално водечката репрезентација во нашата група Словачка, која има три последователни победи и тоа дома против Шпанија како и на гостински терен против Украина и Белорусија.

Селекторот Бошко Ѓуровски верува во добар резултат против фаворизираниот противник, но за да се оствари тоа повикува и на поддршка од трибините.

- Словачка е квалитетна репрезентација која игра дисциплинирано, има квалитетни фудбалери и ќе биде сериозен противник.  Како селектор чувствувам позитивна возбуда, но отсекогаш сум бил оптимист, и таа моја енергија ќе се потрудам и овој период  да ја пренесам на фудбалерите. Мора напорно да работиме, секој да го даде својот максимум и да играме квалитетен фудбал 90 минути. Доколку бидеме мудри и концентрирани во текот на целиот натпревар, доколку секој ги исполнува претходно договорените задачи можеме да победиме. Но потребна ни е и поддршка од публиката за да  имаме убава фудбалска претстава на задоволство на сите. Сега е шансата, да ја наполниме националната арена Филип втори, да покажеме колку ја сакаме Македонија и да ја бодриме македонската фудбалска репрезентација, смета Ѓуровски.

Македонија - Словачка е четвртиот натпревар за „рисовите“ од квалификациски циклус за Европското првенство во Франција во 2016 година, а следниот е повторно дома со Белорусија.

10.11.2014 - 12:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега