Џафери извиси: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го спасија Стојанче Ангелов?

Талат Џафери не успеа да обезбеди мнозинство на вчерашната владина седница па за разрешувањето на Стојанче Ангелов ќе се одлучува на наредната, информираа вчера владини извори.

Нема информации дали Џафери извиси бидејќи остана без поддршката на министрите од СДСМ и оние од ВМРО-ДПМНЕ или пак во прашање е нешто друго, но Стојанче Ангелов и натаму е директор на ЦУК.

Како директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) мој приоритет секогаш бил, е, и ќе биде безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршувам оваа одговорна функција. Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен, јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука.

Ова го објави Стојанче Ангелов на својот профил на Фејсбук како реакција по најавата на техничкиот премиер Талат Џафери дека директорот треба да биде разрешен зашто ја напуштил коалицијата со владејачката СДСМ.

„Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада.

Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување.

Свесен за комплексноста на мојата професионална и политичка позиција, јас благовремено го известив најпрво генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Двајцата се изразија позитивно за мојата професионалност како директор на ЦУК и сугерираа дека во овој чувствителен период за државата треба да останам на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција.

Нивниот коректен став го објавив јавно пред неколку дена на прес конференцијата на која ја известивме јавноста дека излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ. Оттука сметам дека мојата средба со премиерот Талат Џафери, со кого од поодамна имам коректна комуникација, барем на оваа тема е излишна, бидејки, повторувам, Достоинство јавно објави дека излегува од коалицијата предводена од СДСМ“, напиша Ангелов.

 

27.03.2024 - 09:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега