Движењето ЗНАМ најостро ја осуди глорификацијата, релативизацијата и оправдувањето на воени злосторства и порача дека во Македонија нема место за величење на лица правосилно осудени за такви дела.

Од партијата наведуваат дека нивниот став се однесува на сите воени злосторства на просторот на поранешна Југославија, вклучително и на хашките случаи поврзани со Македонија од 2001 година.

„За нас не постојат двојни стандарди кога станува збор за почитувањето на жртвите, меѓународното право и цивилизациските вредности. Ниту еден воен злостор не може да биде оправдан и ниту еден правосилно осуден воен злосторник не може да биде претставуван како пример за почит или восхит“, велат од ЗНАМ.

Во реакцијата се осврнуваат и на објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, оценувајќи дека станува збор за негов личен став, кој не може да се поистоветува со ставот на Владата или со политиката на коалициските партнери.

Од ЗНАМ додаваат дека личната и институционалната одговорност за јавно изнесените ставови треба да ја преземе самиот функционер.

Партијата ги отфрла и критиките дека молчела за случајот, оценувајќи дека не е должна да реагира во рокови што, како што велат, ги одредува опозицијата.

„ЗНАМ говори и делува врз основа на сопствени принципи“, наведуваат од партијата.

Од ЗНАМ истовремено го обвинуваат лидерот на СДСМ Венко Филипче дека темата ја користи за поширока политичка конструкција во која се поврзуваат владејачките партии со Србија, Александар Вучиќ, „српскиот свет“, Кина, Русија и МПЦ.

Според ЗНАМ, таквиот пристап претставува политички спин со кој една конкретна постапка се користи за дискредитација на целата Влада и нејзините коалициски партнери.

Од партијата порачуваат дека остануваат на ставот дека НАТО и Европската Унија се иднината на Македонија и дека ќе продолжат да ги застапуваат принципите на државност, меѓународно право и почитување на сите граѓани.

Exit mobile version