Пожарот што избувна од преспанската страна и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Во гаснењето се вклучени пожарникари од Ресен и Битола, огнени тимови на ДЗС, механизација, ер-трактори и армиски хеликоптер.

Ангелов информира дека синоќа пожарот бил благо ставен под контрола, а на терен цела ноќ дејствувале и доброволни пожарникари од Битола. Со механизација била направена и противпожарна пресека над боровите за да се спречи понатамошното ширење на огнот.

Рано утрово во гаснењето се вклучил и армиски хеликоптер со ведро од три тони, кој успеал да изгасне неколку критични точки. Сепак, со зголемувањето на температурите повторно се појавиле жаришта и чад на повеќе позиции.

„Во овој момент дејствуваат ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување како поддршка на пожарникарите од Битола, од Ресен, огнените тимови составени од доброволци на Дирекцијата за заштита и спасување, како и неколку пинцгауери“, изјави Ангелов.

Тој ги демантираше информациите дека во интервенцијата биле повредени двајца пожарникари.

„Досега не е повреден ниту еден пожарникар. Не е точна веста дека има двајца повредени пожарникари – ниту имаме повреден пожарникар, ниту пожарникар кој вдишал чад. Сите се добро и продолжуваат во борбата против огнената стихија“, рече Ангелов.

Активен останува и пожарот на планината Жеден, каде гори сува трева, трње, грмушки и ниска вегетација на тешко пристапен терен. Според Ангелов, пожарот не претставува опасност за околните населени места, а се очекува во текот на денот да биде ставен под контрола.

Exit mobile version