Собраниската Комисија за финансирање и буџет се претвори во арена на жестоки партиски препукувања, каде пратениците од власта и опозицијата ги вкрстија копјата околу ревидираната државна каса за 2026 година.
За владејачкото мнозинство, овој ребаланс е целосно развоен, реален и претставува сигурен чекор кон подобар животен стандард и стабилен економски раст, додека опозицијата тврди дека бројките се само параван за нови енормни задолжувања.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа во цврста одбрана на владиниот предлог, порачувајќи дека државата конечно добива домаќинско и стратешко управување со јавните пари, отфрлајќи ги обвинувањата на социјалдемократите како обичен политички театар.
- „Бројките не се такви какви што ги прикажува Венко Филипче и СДСМ. Без разлика колку и паника да шират, времето покажува дека не е така како што тврдат. Колку и да се трудите да правите пародија, растот од 3,5 проценти покажува дека Македонија може да има економски раст како и други држави“, порача Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.PDF
Неговиот сопартиец Петар Ристески дополнително ја засили реториката во одбрана на новиот финансиски план, дефинирајќи го како клучен документ за финансиски пресврт.
- „Ова е економски манифест на една влада која знае како да управува со јавните финансии“, истакна Ристески.PDF
Од друга страна, СДСМ бурно реагираше дека со ребалансот се потврдува лошото планирање на буџетот, со сериозни кратења на клучните социјални и демографски мерки, по што расправата продолжува во тензична атмосфера со над 200 поднесени амандмани.


