Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција излезе со критики до Владата и премиерот Христијан Мицкоски во врска со прославата за Денот на независноста и, како што рече, понижувањето на македонското знаме.

Жерновски потсети дека токму на денешен ден во 1992 година Македонија ги усвоила своето знаме и својата химна, а Владата направила скандал со државниот симбол.

„На нивната официјална организирана прослава по 35 години од независноста на државата, платена со милиони евра народни пари, Мицкоски и неговата Влада ги понижаа државата и ги понижија граѓаните. И наместо да кажат кој е одговорен, наместо да објаснат колку пари чини ова понижување, и наместо да што е најважно да им се извинат на граѓаните што ги понижија нивните чувства, вчера се обидоа со едно трагикомично објаснување да се оправдаат дека всушност тоа што го видовме со така нареченото македонско знаме било, верувале или не, ‘уметничка инсталација’“, изјави Жерновски.

Според него, Владата прави ревизија на клучните историски факти за државата бидејќи, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја нема во ниту еден од државните успеси.

„Додека Мицкоски една екскурзија се одвива едно срамно обележување на независноста на нашата држава, недостасуваат клучни факти. Недостасува членството во НАТО, недостасува членството во ОН, недостасува кандидатскиот статус во Европската Унија. Значи се прави ревизија на клучните историски факти, што е многу важно да го напоменеме. Зошто се прави оваа ревизија? Затоа што всушност ВМРО го нема во ниту еден од државните успеси кои што ги постигнала Македонија“, нагласи Жерновски.

Тој потенцираше дека Законот за употреба на грбот, знамето и химната јасно предвидува санкции за вакви случаи.

„Според член 4 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната, исто така јасно е наведено како може да се употребува државното знаме. Има и казнени одредби, тоа е член 30, од овој закон за прекршочна одговорност доколку организаторот на јавен настан по грешка или незнање, истакне погрешно знаме“, истакна секретарот на СДСМ.

Од опозициската партија побараа Владата да објави која фирма го изработила знамето, кој бил задолжен за визуелниот перформанс, колку чинела целата прослава и кој ќе преземе одговорност.

Exit mobile version