ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение реагираше на прес-конференцијата на СДСМ, обвинувајќи ги опозиционерите за лицемерност и бегање од одговорност за состојбите со водата за пиење во земјава.
Од владејачката партија истакнуваат дека СДСМ го водеше секторот и државата со години, а за тоа време не направила ништо конкретно за заштита на националните и граѓанските интереси.
„Предавничката СДС се однесува како падната од Марс. Како денес да се појавиле на политичката сцена, а не како од независноста до сега во повеќе наврати ја воделе државата, а и само до пред само две години биле власт во Македонија. Така, како млада невеста, предавничката СДС седи и ги лови проблемите со кои се соочува државата, без да спомене дека половина од времето од независноста до денес биле власт и за државата ништо не направиле, освен што ги распродавале националните интереси“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на состојбата во Гостивар, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека уште во времето кога Венко Филипче бил министер за здравство, биле извршени стотици анализи кои покажале неисправност.
„И сега без ни трошка одговорност и кредибилитет зборуваат за водата за пиење, токму тој талогот од СДС кој со години свесно дозволи гостиварци бавно да се трујат со небезбедна вода. Во периодот на власт на СДС, особено во периодот кога Венко Филипче беше министер за здравство, направени биле околу 400 испитувања на водата во Гостивар кои покажуваат водата не е исправна за пиење. А, талогот на СДС, кој сега шири хистерија и наводна грижа за граѓаните, таквите извештаи ги скрија од јавноста и од граѓаните и свесно ги оставија луѓето да се трујат“, информираат од владејачката партија.
Од партијата дополнуваат дека насобраните децениски проблеми во комуналниот сектор не може да се решат за кратко време.
„Проблемите кои се појавуваат, меѓу другото, и со водата за пиење, не се ниту од сега, ниту од вчера. Тие се резултат на децениската негрижа и системски пропусти на минатите влади, на чие чело до пред две години беше предавничката СДС, до сега, кои секако не можат да се решат само во две години власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но секако, предавничката СДС немаше време да се занимаваат со овие прашања важни за граѓаните, тие беа зафатени со менување на име, прифаќање ултиматуми од соседните држави и потпишување на предавнички договори за распродавање на идентитет, култура, јазик, историја. И секако, сето тоа го правеле за станови и бизниси во Дубаи, јахти во Грција, фирми во Бугарија, хациенди на Водно, скапи коли, луксузни одмори“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.


