Општина Гази Баба ја реализираше мерката за целосно ослободување од плаќање комуналии за изградба на куќа за млади, при што старосната граница е зголемена до 35 години, информираше градоначалникот Бобан Стефковски.

Стефковски истакна дека првично мерката била предвидена за лица до 29 години, но по направените анализи била донесена одлука да се прошири опфатот на семејства.

„Иако првично мерката беше наменета за лица до 29 години, по детална анализа и препознавање на реалните потреби на младите, ја зголемивме старосната граница до 35 години, со што опфаќаме уште повеќе семејства кои сакаат да го изградат својот сопствен дом“, изјави Стефковски.

Според условите, право на оваа мерка имаат жители на Општина Гази Баба кои на денот на поднесување на барањето имаат најмногу 35 години и градат, доградуваат или надградуваат прв дом за лични станбени потреби.

Барателите е потребно да поднесат комплетна техничка документација согласно Законот за градење и да достават изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку 10 години.

„Затоа што ги стимулираме младите да останат тука, во нашата општина, да создадат свој дом, своја иднина и своја приказна – токму во Гази Баба. Кога младите градат дом тука, градиме и ние посилна, посигурна и подинамична општина. Им помагаме на младите брачни парови, ги растеретуваме од голем финансиски трошок и им овозможуваме полесно да го направат еден од најважните чекори во животот – создавањето на сопствено семејно огниште. Ова не е само мерка. Ова е инвестиција во иднината!“, додаде градоначалникот на Гази Баба.

Тој упати апел до сите млади брачни парови од општината да ја искористат оваа можност за решавање на своето станбено прашање.

Exit mobile version