Скопјанец е приведен и му е одреден притвор поради сомнение за измама, откако лажно се претставил како инспектор и измамил жена од Прилеп за значителна сума пари, соопшти Министерството за внатрешни работи.

-Од ОВР Прилеп е поднесена кривична пријава против М.А. (46) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 4 ноември 2025 година, пријавениот измамил жена од Прилеп за 2.000 евра и 1.000 долари.

Според МВР, тој лажно се претставил како инспектор во странска земја и ѝ соопштил на жената дека нејзините внуци во странство учествувале во сообраќајна несреќа во која починало дете. Потоа ѝ побарал пари за да издејствува нејзиниот внук да не оди во затвор, по што жената ги оставила средствата на договореното место.

По преземените мерки од страна на полициски службеници од СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција, М.А. бил лишен од слобода, а надлежен судија му одредил притвор.

Exit mobile version