Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, по првиот пресек на пристигнатите апликации, ја формираше првичната база од 170 експерти и практичари, со што се поставува солидна основа за навремена, стручна и таргетирана поддршка на општините во решавање на конкретни локални предизвици, истакна министерот Златко Перински.

Министерот појасни дека базата на експерти е веќе ставена во функција, а општините можат, согласно своите потреби, да користат професионална поддршка во различни области.

Областите на експертиза се поврзани со изворните надлежности на општините, но и пошироко, опфаќајќи сектори кои значајно влијаат на функционирањето на локалната самоуправа, подобрување на услугите кон граѓаните и креирање стратешки решенија за долгорочен развој.

Воедно, Министерството информира дека од денеска повторно е отворен Јавниот повик за изразување интерес за вклучување во базата на експерти на Ресурсниот центар.

Повикот ќе биде континуирано отворен, со цел сите заинтересирани професионалци со соодветна експертиза и искуство да имаат можност да аплицираат и да се вклучат во базата, придонесувајќи кон обезбедување квалитетна и навремена поддршка за општините.

Сите информации за условите, критериумите и потребната документација за аплицирање се достапни на следниот линк:
https://mls.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-povici/otvoren-javen-povik-za-izrazuvanje-interes-za-ucestvo-vo-bazata-na-eksperti-na-resursniot-centar-za-poddrska-na-razvojot-na-opstinite

Exit mobile version