Зеленски нареди зајакнување на границата со Белорусија, поради доаѓањето на борци на групата Вагнер
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди денеска да се зајакне безбедноста на границата со Белорусија поради пристигнувањето на борците на паравоената група Вагнер во таа земја.
„Со одлука на Генералштабот, на врховниот командант Валери Залужни и на генералот Серги Најев им беше наредено да ја зајакнат границата за да се обезбеди мир“, рече Зеленски во видеото емитувано на Телеграм.
Тој рече дека денеска украински и странски разузнавачки служби, како и граничари, го информирале за ситуацијата во Белорусија.
По неуспешниот бунт во Русија пред една недела, шефот на руската паравоена група Вагнер Евгениј Пригожин се согласи да замине во егзил во Белорусија благодарение на посредништвото на белорускиот претседател Александар Лукашенко, сојузник на Москва.
Според договорот, борците на Вагнер имаат избор да заминат во Белорусија, да се пријават во редовната руска армија или да се вратат во цивилниот живот.
Украинските власти во неколку наврати изјавија дека стравуваат од напад од Белорусија, каде што се стационирани руски војници. Сепак, белоруските војници не се директно вклучени во инвазијата што ја започна Русија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа