Македонското Собрание ја заврши денешната седница на која требаше да се поставуваат пратенички прашања, откако по барањето за пауза од пратеничката група на ЗНАМ беше констатирано дека се надминува времето за редовна работа.
Седницата продолжи во 17:10 часот, но координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, веднаш побара пауза од еден час.
„Процедуралното е врз основа на член 87 став 2 со оглед на тоа што овој ден помина така како што помиина и процедуралното апсолутно беше злоупотребено, тензиите во Собранието непотребно се кренаа, се исполитизира цела работа бараме еден час пауза“, рече Карапејовски.
По овој барање, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, одлучи да ја заклучи 113. седница.
„Со оглед на тоа што ќе навлеземе над времето предвидено за одржување на седници тука ја завршувам седницата“, рече потпретседателката на Собранието.
Претходно, Бендевска даде пауза и во 16 часот, откако пратеничката Илире Даути повторно побара збор за процедурална забелешка, при што беше посочено дека трипати го прекршила членот 98 од Деловникот кој го уредува правото на процедурален говор.
„Согласно член 99, на седницата на Собранието никој не може да говори пред да добие збор од претседателот на Собранието. Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите за да почнеме да продолжиме со работа“, рече Бендевска пред прекинот.
Денешната седница за пратенички прашања беше блокирана од пратеничката Илире Даути од партијата Албанска лига и лидерот Зијадин Села. Даути бараше писмен одговор за Предлог-законот за правична застапеност од премиерот Христијан Мицкоски, инсистирајќи седницата да се прекине доколку не го добие бараниот одговор.
Поради тоа што Даути одбиваше да ја напушти говорницата, а до неа застана и Села, во текот на денот беа дадени повеќе паузи од раководството на Собранието. Во претпладневниот дел од седницата, прашање до премиерот успеа да постави единствено пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче.


