На повеќе популарни плажи во Црна Гора е воведена забрана за пливање откако најновите анализи покажаа дека морската вода е небезбедна и под пропишаните стандарди.

Надлежните органи поставија црвени знамиња на загрозените локации, упатувајќи предупредување до граѓаните и туристите да не влегуваат во морето до понатамошно известување.

Забраната за пливање се однесува на следните локации:

  • На плажата Жукотрлица во Шушањ, забраната е поставена на локациите „Жукотрлица 02“ и „Жукотрлица 03“.
  • Црвени знамиња се поставени и на плажите „Словенска плажа 01“ и „Пржно“ во Будва.

Проблемот настана откако беше забележано излевање на отпадни води во морето во близина на плажата Шушањ, при што граѓаните пријавиле заматена вода и непријатен мирис. Медиумите во Црна Гора објавија дека отпадни води се испуштаат во морето на најмалку две локации во близина на оваа плажа.

Во меѓувреме, здравствените установи регистрираат зголемен број деца со слични симптоми, како што се дијареја, повраќање, треска и малаксаност.

Педијатрите предупредуваат дека во текот на летните месеци, особено при загадување или излевање на отпадни води, во плитките морски води брзо се развиваат бактерии кои претставуваат ризик по здравјето.

Надлежните институции информираат дека забраната ќе остане на сила сè додека новите контроли и лабораториски анализи не потврдат дека квалитетот на морската вода е повторно безбеден за капачите.

Exit mobile version