Лицето М. С., кое се наоѓа на издржување затворска казна во Македонија, е опфатено со кривичната пријава против 12-члена организирана криминална група во Србија, осомничена за две убиства и киднапирање, соопшти српското Јавно обвинителство за организиран криминал.
Во големата полициска акција во Србија се уапсени седум лица — шест од Белград и едно од Пожаревац.
Според истрагата, групата се сомничи дека ги организирала и извршила убиствата на Милан Стоковиќ во областа на Пожаревац и на Живко Бакиќ во Белград. Стоковиќ бил киднапиран на 14 октомври 2025 година, додека Бакиќ бил убиен во јануари годинава.
Покрај М. С., кој е во македонски затвор, и уапсените седуммина, со пријавата се опфатени уште четири лица: едно кое веќе е во притвор во Белград, две кои се во притвор во Грција и Белгија, додека по едно лице интензивно се трага.
Во соопштението на српското обвинителство не се наведува во кој македонски затвор се наоѓа М. С., ниту пак за кое кривично дело ја издржува казната во земјава.
Во обемната полициска операција учествувале криминалистичката полиција, Службата за борба против организираниот криминал, Жандармеријата, Специјалната антитерористичка единица (САЈ) и Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Осомничените се товарат за здружување заради вршење кривични дела, тешко убиство, киднапирање, незаконско поседување и трговија со оружје и експлозивни материи, како и за трговија со дрога.
По истекот на полициското задржување, сите уапсени ќе бидат спроведени на сослушување пред Јавното обвинителство за организиран криминал.

